ДРИБЛИНГ: Додека ние спиеме со „руските бајки“ (во три дела), овој Вардар „живи ги јаде“ своите деца (во целост)!

ДРИБЛИНГ

Владимир Булатовиќ

Навистина е интересно каква чудна енергија владее во овој Вардар последниве пет години по преземањето на Сергеј Самсоненко… За се што се случи позитивно во клубот, а реално имаше такво, единствено заслужни беа Русинот и неговите пари. А, за сето она негативно, а реално имаше и такво, виновни сите кои се најдоа на патот во тој момент! Феноменално… Контрола на мозокот преку идеалната комбинација – контрола на медиумите дополнето со инструираното дел од навивачко ткиво! За разлика, пак, се сеќавам на период претходно на еден друг финансиер во Вардар, Слободан Брацо Вујчиќ – кој исто така давал пари. Тогаш за се негативно во и околу клубот единствен виновник беше Брацо, а за се позитивно сите околу – од фудбалери, раководство па до тренери! Интересно…

===============================================================================================

Апсолутно ништо не е страшно за македонска екипа да загуби во Европа. Сме го доживувале тоа многупати досега, па зошто не и понатака. Тоа, секако, важи и за Вардар…. Само што, секогаш е добро од поразот да се извлече поука. А, гледам дека во и околу Вардар повторно си се влечат „поуки“ само, како и досега, во насока на тотално уривање на црвено-црното ткиво! Во „ловот на вештерки“ повторно заштитен главниот, а виновни „вардарци“!?

Мизеријата која ја доживеа Вардар ова лето во Европа не е поради тренерот и овој скрпен состав… За сите оние кои малку мислат со своја глава, и не потпаѓаат на нарачаните „руски бајки“ (во три дела), добро познато е дека ова е последица на сериозно намаленото чекмеџе. А, за тоа не се виновни ниту спортскиот директор, ниту тренерот ниту кутрите прособрани фудбалери. За сите кои мислат со своја глава – од пред крајот на минатата година се насетува ова дереџе!

Во една од нашите пишуванки на ова место, уште во февруари се плашевме дека во јули многумина ќе бидат шокирани… За жал, тоа најтрофејниот македонски клуб го почувствува на најболниот можен начин – преку тоталниот резултатски неуспех. И тоа во година која доаѓа веднаш по историски пласман во групна фаза од ЛЕ, кога во нормална фудбалска средина очекувате уште посилен клуб – а добивате тим во распаѓање! Зошто? Затоа што некој не знае да менаџира со клубот – како дополнение и на намалените финансии.

Па… Жалосно е, по нов неуспех кој ете сега ги надвиснал вардарци, во новата трка меѓу најблиските подлизурковци и дел од јавноста и медиумите, кој повторно ќе стави поголем ореол околу главата на Самсоненко на спротивната страна да се бараат новите „жртви“ – сега во имињата на Дарко Панчев и Илија Најдоски… Уште две свои деца кои овој Вардар „живи ги јаде“!

Шокантно е колку вардарови имиња кои нешто значат, биле, оставиле трага или се уште мора да бидат од важност за црвено-црните бои беа ‘збришани’ од овој Вардар последните пет години, токму под палката на Самсоненко… Засекогаш обележани, дел од нив сериозно понижени, поголемиот дел дискредитирани, некои од нив доведени и до меѓусебна нетрпеливост, а сите веројатно со затворени идни врати во Вардар – засекогаш!

1. БЛАГОЈА МИЛЕВСКИПрвиот кој ја почувствува „моќта“ на одлуката на новиот газда. Во јануари 2014 година, и покрај тоа што клубот под негово водство беше есенски шампион, понижувачки разрешен од функцијата и заменет со Сергеј Андреев. Понудено место во младинската школа кое Милевски, како ретко кој тренер, држејќи до своето јас – го одбива. Сите ја знаеме понатака кариерата и успесите на Милевски. Сите ја знаеме понатака и кариерата на Андреев со кого Вардар таа сезона заврши, од есенски шампион, на 5. место.

2. ЃОКО ХАЏИЕВСКИДонесен во клубот на функцијата спортски директор на почетокот од владеењето на Самсоненко. Издржа едвај три месеци, надевајќи се и на тренерската позиција. Никогаш јавно не прозбори за причините за заминување, иако сите зад сцената многу добро знаат за неговата разочараност од начинот на кој се води Вардар. Сега кандидат за нов тренер. Но, се плашам, во една ваква состојба во клубот, да не биде и по вторпат „жртва“.

3. ВЛАТКО ГРОЗДАНОВСКИЕдно од омилените имиња на „Комитите“ кој одлучи да се врати во Вардар тогаш кога малкумина се решаваа на тоа, по бурните неизвесни вардарови години на дното од македонскиот шампионат. Сепак, по крајот на кариерата остана изневерен од ова раководството… И покрај разговорите, за него немаше тренерско место во Академијата на клубот, во која пак, сведоци сме, има присуство на лица за кои црвено-црните бои не биле нешто омилени претходно.

4. ЧЕДЕ ЈАНЕВСКИСлавен до бесвест по пласманот во групната фаза од ЛЕ. Но, по разочарувачките домашни настапи разрешен без многу размислување. Омаловажуван од навивачите, со тотално нарушен тренерски кредибилитет… Одбран како единствен виновник во период во кој јавна тајна беше доцнењето на платите, анемијата во играчките редови, одлука за бојкот кон ФФМ и настап со младинци, и инсистирањето на голем број фудбалери да заминат од клубот… Ништо од тоа не му се „призна“ како олеснителна околност. Жртва мораше да има!

5. БОБАН ГРНЧАРОВЕдно од оние вардарови деца, заедно со Глигоров и Блажевски, буквално избришани од клубот. На потценувачки начин отстранети, сосема извесно само во насока на намалување на финансиите кои се одвлекуваа за нив. Затоа што нивните замени во тимот, пак, ги гледаме на што личат. Но, разочарувачки, од друга страна, до кое ниво дојде Грнчаров со оние срамни прозивки кон Панчев откако замина од клубот. Вардарец кон вардарец! Имаше можност отворено да каже што се случува во Вардар уште како фудбалер на тимот кога навивачите го бараа тоа од него…. Но, одбра да молчи кога се уште си беше внатре во клубот… Сега, кога е надвор, се одврза јазикот. Само што, да не е сега касно!? А, сето тоа да не остане припишано само на револтот поради отстранувањето од клубот!?

6. БОБАН БАБУНСКИУште едно од некогаш значајните деца на клубот кое веројатно доби понижување по кое засекогаш става крај на можност за иден тренерлак во Вардар. Сменет по само еден официјален натпревар. Тотална дискредитација. Определен како нов виновник за изгледот на тимот во чии „кроење“ не учествувал комплетно.

7. ДАРКО ПАНЧЕВШокантно, но најомразената во моментов личност меѓу вардаровите навивачи!? Повторно најдена жртва за сите пародии кои се случуваат во клубот: и околу аматерските киксеви со договорите со фудбалерите, и за заминувањата сред сезона поради беспарица, и околу смешната трансфер политика во која ова лето Панчев и нема некој голем удел… Да бидам искрен, многумина добро упатени во фудбалот си знаеја колкави се менаџерските капацитети на Панчев уште од двете негови претходни во минатото неуспешни епизоди во Вардар. Гарантирам, го знаеја тоа тогаш и во Вардар. Само што на Самсоненко и компанија пред две години им требаше пред јавноста да го оправдаат „вардарството“ во себе, па со сите сили го молеа Дарко, како најголемо вардарово име, да дојде во клубот. За себеоправдување пред се пореволтираните вардарови навивачи. Сега, кога „ревардаризацијата“ не успеа… Дарко може да се „фрли во отпад“!? Што би се рекло уште еднаш искористено името Панчев за сопствени потреби. A тој, тоа упорно го дозволува!

8. АЛЕКСАНДАР ВАСОСКИ и МИРКО СПАСЕСКИВо „пакет“ две имиња кои се од самиот почеток на доаѓањето на Сергеј Самсоненко во Вардар. Нечепнати. Единствени „вардарци“ пет години невиновни за ништо. Само што и двајцата, со безличноста, успеаја сами себе да се дискредитираат, до бесвест, и пред навивачите и пред фудбалската јавност. Едниот, и покрај силното зад себе фудбалско педигре, вечен помошник на сите можни тренери кои продефилираа во клубот, другиот ‘вечен помошник’ на еден Самоил Симев. И двајцата ниту глас, ниту став… Неми посматрачи на сите жални состојби во клубот!

И меѓу сите овие, на овој или оној начин, жртви од ваквиот Вардар единствени кои ама баш ништо не си загубија овие пет години се Самоил Симев, водачот на проектите на Самсоненко, Ратко Капушевски, и сите оние анонимни директорчиња по клубовите… Тие во суштина нема и што да загубат затоа што никогаш ниту имале име и презиме, ниту пак било какво педигре, и во спортот и во општествениот живот. А, од овој Вардар добро „нацицаа“… Секоја чест. Единствени добитници!

Затоа жално е „ловот на вештерки“ упорно и упорно сите овие години да биде насочен само кон оние кои реално и тоа како си имаат своја вина и одговорност – кога си одлучиле да се залепат за парите… Но, не може постојано да го носат целиот товар затоа што, во суштина, и малку одлучуваат пред „моќта на парите“ на газдата. Затоа што, кој го донесе и чуваше Сергеј Андреев? Кој промени четири тренери за четири сезони? Кој дозволуваше фудбалери да заминуваат, без денар отштета, поради неисплатени плати? Кој остава оние директорчиња да се недопорливи на позиции во клубот, и покрај сите циркуси кои ги приредуваат? Кој, на крајот на краиштата, очигледно вртоглаво намалува буџет? Факт е. Наспроти оние смешни “руски бајки“ за мали деца (во три дела), сите добро знаеме дека сите клучни „црвено-црни“ одлуки се на газдата. Затоа залудно на сите страни се бараат виновници кога „рибата смрди од главата“! Без разлика што упорно се чисти само од опашката….

==============================================================================================

И, повторно на онаа чудна енергија која сега е опкружена околу Вардар… Се сеќавам, пред десеттина години, оној претходниот финансиер во клубот, Брацо Вујчиќ за еден месец доцнење на плата секој втор ден добиваше штрајкови од фудбалерите…, по медиумите мораше да фрчат негативни написи, навивачите раат не го оставаа од трибините, а добиваше и ископани гробови на сред „Градски“… Денеска, се се покрива со „силната“ мисла: „Самсоненко никому не останал должен!“. Од денешен аспект, сега веќе гледам, слушам и знам дека и Брацо никому не останал должен… Но, залудно.  Неговото име е зацрнето, за разлика од ова денешното така моќно заштитено. Разликата е што тогаш оние кои постојано „хушкаа“ против Вардар беа надвор од клубот. Сега се внатре!

Се вчитува...