ДРИБЛИНГ: Специјален спортист на годината!

ДРИБЛИНГ

Владимир Булатовиќ

Ете… Кога нешто се организира онака колку чисто формално да го има, во стилот „Сите имаат па и ние, сите избираат па и ние“, наликува токму како „Изборот на спортист на Македонија“ во организација на Агенцијата за млади и спорт и Сојузот на спортови. Ни повеќе, ни помалку… Пародија на професионализмот, исмевање на спортот, дефиле на политичари, избор на „специјалци“! Она против кое се „боревме“ минатите години… Ама, не сме се „избориле“!

Всушност ние изминативе години, за жал, создадовме држава која не може да функционира без нешто ‘Специјално’, па ете и во изборот за „Спортист на годината“ мораше да има специјални награди – за оние обесправените, де!

Македонскиот спорт некако долги години наназад се мачи со своите „избори“ кои ама баш секогаш, како по традиција, повлекуваат серија реакции од спортската јавност. И секоја година се надеваме дека некоја лекција е научена. Ама, залудно… Од она што го видовме и на последниот избор ништо не сме научиле!

Не навлегувајќи околу сценографијата, сценариото или начинот на кој се организира самата манифестација кои и онака изнудија само потсмев и кај присутните во Драмскиот театар и кај оние пред ТВ екраните затоа што, на крајот на краиштата тие и суштински не се многу важни, фокусот е насочен кон самиот избор на најдобрите. Па, генералниот впечаток е дека всушност оваа 2017 година е година на „специјалци“!

Обидувајќи се да ја амортизираат ситуацијата со изоставањето во официјалната категорија – „Спортист на годината“, поради разно-разни неиздржани причини, организаторите се одлучија на Кирил Лазаров и Дејан Георгиевски да им доделат „Специјални награди за ‘ОСОБЕН ПРИДОНЕС’!“…

Кире Лазаров беше нашиот најдобар поединец на Светското првенство во Франција и најдобар стрелец на шампионатот, Дејан Георгиевски, пак, првиот Македонец кој стигна до европско сениорско злато во олимписки спорт – и добија признанија за ‘ОСОБЕН ПРИДОНЕС’… Бре! И тогаш се прашувате што чудо придонес за македонскиот спорт ќе беше оној на оние избраните спортисти на годината, кога на овие најдобрите е само особен!? Но, нивна несреќа очигледно е што интернационалните првенства во ракомет се во јануари, многу рано во годината – па се заборава, или шампионатите во таеквондо се во декември, многу касно во годината – па не се стигнува!?

Посебна приказна е, пак, ако веќе се делат така „награди – специјалки“, зошто упорно се заборава Перо Антиќ кој стигна до европска шампионска титула. Тоа што е клупска со странски клуб, а и не игра за Македонија, воопшто не значи дека не ја промовира Македонија. И многу повеќе од некои други – најдобри! Па, заслужил барем една „специјалка“! Без „специјалка“ остана и Лина Ѓорческа, на пример, иако зад себе ја имаше најуспешната година во кариерата.

Е, на пример, „специјалка“ не заслужи и ФФМ со „Суперкупот на УЕФА – Скопје 2017“ кој беше најголемиот спортски настан во државата оваа година… Заборавен од сите и за сите. Е, тоа веќе не е пародија, но е трагедија. Ништо повеќе, чисто да се спомне…, во годината во која фудбалот објективно, заедно со ракометот, вистински одбележија, а остана без ниту едно признание!? И од државата и од Градот! Затоа потоа спортот ни дава токму онолку колку самите го цениме!

Како и да е, нафрлањето поединци и настани, заслужни и незаслужни, многумина би рекле дека е лесно и субјективно, онака на хартија… Но, ниту најмалку не е субјективен фактот дека конечно на Изборот на Спортист на годината му требаат коренити промени. Значително менување на критериумите за избор и нивно беспрекорно прецизно утврдување, календарско неоиграничување на рокови за тековната година, бришење на измислените „алиби стручни тела“ и конечно најдобриот да биде најдобар, без виртуелни специјални награди и признанија кои служат само за прикривање на срамот! Изборот или нека биде на најдобрите, или, со ваква постановка воопшто нема потреба и да го има! Никој ништо нема да загуби! Ниту спортистите, ниту јавноста!

Се вчитува...