Дуел на непоразените: Работнички го пречекува Пелистер да се види кој е кој!

Прволигашката кошарка продолжува денеска во Скопје од 17 часот со највозбудливиот дуел во десеттото коло од Првата лига меѓу досега непоразените екипи на Работнички и Пелистер.

Избраниците на Димитар Мираковски славеа на четири средби оваа сезона, а последната од нив беше неизвесниот дуел на „Кале“ во кој Работнички беше подобар од искусниот состав на Еуро Никел.

Во слична ситуација е и тимот на Марјан Илиевски, кој по пет кола има перфектен скор и е најдоброто изненадување во мак-баскетот оваа сезона. Последниот тест за Пелистер беше против тимот на Академија ФМП, натпревар во кој за прв пат беше совладан тимот од Кисела Вода на домашен терен, а на крилјата на овој натпревар „зелено-белите“ ќе се обидат да му го нанесат првиот пораз на Работнички оваа сезона.

„Задоволни сме со моменталната ситуација во клубот и тоа како се одвиваат работите. Ситуацијата со коронавирусот е иста за цел свет, а ние се трудиме да останеме во форма, што е многу тешко, поготово во овој период на натпревари кога се играат на два, три дена. Моментално имаме пет од пет, меѓутоа тоа не говори ништо и фокусирани сме на натпреварите против Работнички и ТФТ кои следат. Се надевам дека ќе продолжиме со темпото како до сега, ќе ги оправдаме очекувањата и ќе го оправдаме првото место на табелата“ – изјави еден од најдобрите играчи на Пелистер оваа сезона, Игор Кесар.

Се вчитува...