Македонскиот фудбал денеска со два дерби-натпревари во 4. коло од ПМФЛ, и двата во Скопје. Најпрво на Арената „Тодор Проески“ од 17 часот Вардар и Силекс во меѓусебна пресметка, а потоа од 19 часот на теренот на ФФМ, дуелот меѓу Шкендија и Струга ТЛ.
Лидерот Шкендија со досегашен максимален ефект ќе ја пречека Струга ТЛ во желбата за нов триумф.
Напаѓачот на Шкендија, Ване Крстевски верува дека тимот може да дојде до нова победа.
„Во тимот владее одлична атмосфера. Подготвени сме за Струга ТЛ, иако знаеме дека нè очекува тежок натпревар. За жал бевме елиминирани во Европа, па сега сме фокусирани на првенството и се надеваме дека ќе ја освоиме титулата оваа година“ – вели Крстевски.
Факт е дека Артим Положани за овој меч се соочува со проблеми бидејќи нема да може да смета на Мелиќи, Гаје, Ѓорѓиевски, Фреитас и Димоски, но од клубот велат дека тоа не е пречка да се ита кон три бода.
Од друга страна, од 17 часот Вардар на арената го пречекува Силекс.
„Вардарци“ исто така се соочуваат со бројни проблеми по повредите на неколку првотимци, заминувањето на Дарко Велковски кој ја продолжува кариерата во Бахреина, како и суспензијата на Жерсон Родригез.
Сепак, денешниот меч против Силекс е и тоа како значаен за „црвено-црните“. Едноставно, мора да победат за да стават крај на лошата низа, но ќе мора да се изборат и со притисокот што го носи овој натпревар, дека мора да се освојат трите бода.

Атмосферата во тимот не е на највисоко ниво, поразите си го сторија своето, а се појави и клупска недисциплина кај одредени фудбалери. Со сето ова мораат да се справат Матија Мирков и Христијан Кировски, кои се во раководна улога откако замина аргентинскиот стратег Кристијан Фабијани.
Вардарци во изминатава недела беа фокусирани на работата, се обидоа да останат затворени и со тренинзи да ги надминат проблемите и да се подготват за новиот дуел со Силекс. Сите се во очекување, дали конечно шампионот и ќе одигра шампионски.
Натпреварот меѓу Вардар и Силекс е закажан за денеска, со почеток од 17 часот, на Националната Арена „Тодор Проески“ во Скопје.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
