Две опции – Како да се замени незаменливиот Ван Дајк?

Вирџил ван Дајк нема да може да се врати на терените до крајот на сезонава, оставајќи огромна дупка во одбраната на Ливерпул што „црвените“ ќе мораат да најдат начин експресно да ја пополнат доколку сакаат да останат во игра во трката за премиерлигашкиот трофеј. Како да се замени незаменливиот, тоа е главниот проблем со кој ќе се соочи Јирген Клоп во наредниот период, а со оглед на фактот дека преодниот рок заврши пред петнаесетина дена јасно е дека задачата на трофејниот стратег станува уште покомпликувана.

Клоп пред себе има две опции, а првата е да продолжи со тандемот Гомез – Матип. Во ситуација кога Ловрен беше продаден без да биде донесена адекватна замена, се очекуваше Матип и Гомез да ротираат крај Ван Дајк. Впрочем, овие двајца во изминатите три години ниту еднаш не стартуваше натпревар еден крај друг во одбраната на „црвените“, па јасно е зошто двајцата не делуваа најсигурно еден крај друг на дербито на „Гудисон Парк“. Младиот Рис Вилијамс и искусниот Филипс се потенцијални резервни варијанти од класичните дефанзивци во Ливерпул, но и двајцата се далеку од посакуваното премиерлигашко ниво.

Втората опција е прекоманда на Фабињо, Бразилецот кој важи за беспрекорен универзалец и кој и во Монако има настапувано како централен дефанзивец. Тој играше на оваа позиција на дербито со Челси и „го стави во џеб“ Тимо Вернер, но мора да се истакне дека за партнер во одбраната на тој натпревар го имаше Ван Дајк. Проблем во втората опција е што ќе се создаде дупка во средниот ред, особено доколку и Тијаго Алкантара мора да отсуствува подолг период од терените. Клоп веќе не може да смета на Окслејд-Чембрлен, за време на репрезентативната пауза позитивен на коронавирус беше Наби Кеита, а доколку сега и Тијаго е „аут“, а Фабињо се пресели во одбраната Ливерпул едвај ќе може да „закрпи“ среден ред за наредните дуели, и тоа во период на најзгуснат распоред од мечеви на секои три дена во Премиер-лигата и во Лигата на Шампионите.

Се вчитува...