Е. Пелистер доживеа голем срам – ГРК Охрид прв финалист во Купот на Македонија

Ракометарите на ГРК Охрид се први финалисти во Купот на Македонија откако денеска на Ф4 турнирот кој се игра во салата „Парк“ во Струмица го декласираа Е. Пелистер со убедливи 26-19.

Натпреварот почна тврдо на двете страни, а за првиот гол чекавме дури три минути кога Дејан Манасков донесе водство за битолчани од 0-1. Охриѓани првпат ја затресоа мрежата на противникот дури во 5. минута кога Ѓукиќ израмни на 1-1.

Охрид заигра подобро во следниот период па со голот на Ојлески во 8. минута за првпат стигнаа до два гола предност 3-1. Охриѓани продолжија со одличната игра па по 15 минути игра имаа плус три (7-4). „Зелено-белите“ беа индиспонирани и во продолжението, па на пауза меѓу двете полувремиња заминаа со голема негатива од 13-7.

Со брзи два гола на стартот на вториот дел избраниците на Ројевиќ стигнаа и до највисоките плус осум 15-7. Дебаклот на битолчани продолжи и во следниот период, па со голот на Ѓукиќ во 44. минута Е. Пелистер имаше и двоцифрена негатива 20-10. До крајот избраниците на Стевче Алушовски успеаја само да го ублажат поразот за конечни 26-19.

Во второто полуфинале кое е закажано за 20 часот ќе се сретнат скопските ривали Вардар и Алкалоид.

Се вчитува...