Еден тренер и магија се стори – Вардар пак заличи на голем тим

Не треба многу за во спортска Македонија да завладее еуфорија, па иако не смее да се летне во облаци, јасно е дека синоќешниот триумф на Вардар во Монпелје е значаен знак, не само дека кризата е минато, туку дека „црвено-црните“ можат да се надеваат на добри партии против тимови од самиот врв на ракометна Европа. А не толку одамна тоа се чинеше невозможно, Вардар губеше од кого стигне во групата, формата вртоглаво паѓаше, а тренерот Вујовиќ се закануваше со „заминување на оние кои не се достојни да го носат дресот на Вардар“.

Како што тоа обично бива, прв си замина токму тој, како јасен знак дека низ годините што поминале тој веќе не е достоен да го води Вардар, клуб што по оној метеорски скок низ годините ги крена очекувањата на сите, тренд што Вујовиќ го следеше само со зборови, но не и со конкретни резултати. Јасно беше дека на Вардар му треба тренер со цврст концепт, но и стратег подготвен за макотрпна работа, бидејќи е очигледно дека низ годините и намалениот буџет скапите засилувања веќе се невозможна мисија, па ќе треба некој што „од ништо ќе направи нешто“.И Михајло Михајловски дефинитивно повлече вистински потег со ангажманот на Давид Дејвис, скромниот Шпанец кој е желен за работа и докажување како и неговите сонародници Гонзалес и Парондо, човек што меѓу другото и знае што значи да се биде дел од „црвено-црното семејство“.

Резултатот во Монпелје е импресивен, но уште поневеројатно делуваше играта на „вардарци“, кои настапија дополнително ослабени без Анте Гаџа како главна опција сезонава на среден бек. Беспрекорноста во играта во одбрана е она што особено импресионираше, Томовски навистина бранеше одлично, но и целокупната дефанзивна линија беше на ниво, со затворање, украдени топки и лесни голови на спротивната страна.

Нема дилема – Вардар денеска пак заличи на голем тим, налик на оној што настапуваше на фајналфор турнирите во Келн. Секако, да се стигне до тие височини е ѓаволски тежок предизвик, но Дејвис е свесен дека мора да се оди чекор по чекор, а првата зацртана цел е пласман во нокаут фазата. Откако тоа ќе се оствари, ќе почне да се сонува за „поголеми работи“. Затоа што колку и „Ланксес Арената“ да изгледа како „невозможна мисија“, кога се има добар тренер, не постојат недостижни височини во ракометна Европа. Вардар низ годините е жив доказ за тоа.

Се вчитува...