Едвин во елемент – Работнички го совлада Пелистер на „Кале“

Работнички му го нанесе вториот пораз на Пелистер во Првата лига откако во 19. коло славеше со 95-89. „Црвено-белите“ на крилја на одличниот Дион Едвин стигнаа до двоцифрена предност уште во втората четвртина која умешно ја одржуваа, одолеаја на налетот на битолчани во последната четвртина и сосема заслужено ставија крај на серијата од седум натпревари без победа во „елитата“ на македонската кошарка.

Натпреварот започна во изедначено темпо во кое и двата тима не успеаја да го наметнат својот ритам, а и покрај тоа што Работнички поведе со 12-7, серијата на Младеновски експрено го врати битолскиот состав во игра за 19-19 по првата четвртина. „Црвено-белите“ успеаја повторно да го наметнат својот ритам благодарение на добрата игра во рекетот, а гостите не ги служеше шутот за три поени од каде реализираа само 2 од 11 обиди па домашниот состав успеа да стигне до позитива од 42-36 на полувремето.

Добрата игра на Работнички продолжи и во второто полувреме во кое избраниците на Михајловски влегоа и во серија за три поени па со двете тројки на Балмазовиќ и Марковски, како и тројката на Едвин стигнаа до двоцифрена предност пред одлучувачките десет минути (66-57). Во нив Пелистер продолжи да брка негатива, а изгубените топки на домаќините и брзото исполнување на бонусот на Работнички беше во полза на Пелистер. Лесните поени и миранта рака на играчите во „зелено-бело“ од линијата за слободни фрлања ја претворија негативата од 75-66 во предност од 75-77 по што следеше драматичен финиш.

Во него тројката на Едвин од осум метра донесе предност од 84-82 на минута и пол до крајот, а неспортската лична грешка на Ѓуроски на 26 секунди до крајот ја реши дилемата за победаник.

Едвин со 31 поен, 10 асистенции, 7 скока, но и 9 изгубени топки беше лидер на Работнички, а него го следеше Балмазовиќ со 24 поени и 4 скока. 25 поени и 4 асистенции за гостите постигна Игор Кесар. Него го следеше Николиќ со 20 поени, додека Малешевиќ додаде 17.

Се вчитува...