Македонската кошаркарска репрезентација продолжи со одличните настапи во претквалификациите за Евробаскетот 2029, откако убедливо ја совлада Австрија на гостински терен.
Еден од клучните фактори за големиот триумф беше одличната игра во одбраната. Македонија на противникот му дозволи да постигне само 59 поени, што доволно говори за пристапот на избраниците на Жозеп Марија Берокал.
Токму дефанзивниот сегмент го издвои и Виктор Ефремовски по натпреварот.
„Одбраната беше клучот за оваа победа. Од првата до последната минута игравме максимално ангажирано и не му дозволивме на противникот да влезе во ритам“, истакна Ефремовски.
Македонските кошаркари уште од почетокот на натпреварот наметнаа силно темпо, а со агресивната одбрана создадоа услови за лесни поени во нападот. Како што одминуваше натпреварот, разликата постојано растеше, па победникот практично беше решен многу пред последниот звук на сирената.
Ефремовски смета дека токму ваквиот колективен пристап треба да биде пример за продолжението на репрезентативниот циклус.
„Секој си ја заврши својата задача. Игравме како еден тим и тоа се виде на теренот. Кога играме вака во одбрана, можеме да направиме многу“, порача македонскиот кошаркар.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
