ЕКИПА дојде до документите: Тупурковски бара итна средба со Заев за промена на спортското законодавство

Претседателот на Македонскиот олимписки комитет, Васил Тупурковски, бара итна средба со премиерот Зоран Заев, го предлага петок (4. октомври) за да се расчисти проблемот кој го иницираше Интернационалниот олимписки комитет за дисбалансот на законската регулатива во Македонија и регулативите што ги пропишуваат ИОК и меѓународните спортски организации (ФИФА, ФИБА, ФИНА, ИХФ…….), открива ЕКИПА. Во неколкуте писма испратени во период од пет години се потенцира дека законската регулатива во државава која се однесува на спортот треба да биде коригирана и, спротивно од решенија кои се во сила во моментов, треба да им овозможува на спортските федерации и на клубовите самостојност и пред се политичка неутралност.

ЕКИПА дојде до комплетната преписка меѓу Интернационалниот олимписки комитет и МОК, но и до писмото што Турпурковски му го испратил на премиерот Заев и на останатите надлежни државни инстанци.

Во документите кои преку МОК се испратени до сите федерации како и до Агенцијата за млади и спорт јасно се гледаат сугестиите од ИОК за да се запре државниот интервенционизам во спортското законодавство. Последното писмо има нота на алармантност и во него буквално се бара во рок од една седмица да биде организиран состанок на кој ќе бидат присутни државните институции задолжени за спорт, претставници на федерациите, и се разбира МОК.

ИОК потсетува дека во комуникацијата со Македонскиот олимписки комитет во врска со овие прашања, организацијата испратила писма и во септември 2014, во јуни 2016 и во април 2019 година. Во овој допис ИОК потсетува на тоа дека било инсистирано да се почитуваат препораките, но дека долго време ништо не било сторено во врска со ова прашање.

 

 

 

Се вчитува...