ЕКИПА ДОЗНАВА: Атлетико Мадрид го купува Несторовски!

Илија Несторовски од јуни својата кариера најверојатно ја продолжува во шпанскиот гигант, Атлетико Мадрид, дознава ЕКИПА.

Наспроти бројните шпекулации изминатиов период од страна на италијанските медиуми за преселба во редовите на Наполи, и интерес од Лацио и Севилја, како што дознава ЕКИПА, македонскиот голгетер е на добар пат по крајот на сезоната да се пресели во Мадрид.

Според нашите информации, интересот на Атлетико Мадрид е актуелен неколку месеци, а деновиве е дополнително засилен по новите одлични партии на 26-годишниот Несторовски на дуелите против Наполи и Кротоне. Извонредната форма на Несторовски, и неговите досегашни девет гола во дресот на Палермо во Серија А, е првата препорака раководството на Атлетико Мадрид веќе од сега да активира преговори за осигурување на неговите услуги од јуни.

Како што е познато, во јуни од Мадрид заминуваат офанзивците Антоан Гризман, кој веќе се поизвесно се сели во Манчестер јунајтед, како и Фернандо Торес. Сето тоа носи отворен простор за ангажман на офанзивци. Првиот човек на Палермо, Маурицио Зампарини зимава и пред јавноста соопшти дека нема да дозволи заминување на Несторовски за сума под 15 милиони евра.

Претходно, Несторовски потенцираше дека негова желба е со Палермо оваа пролет да обезбеди опстанок во Серија А, а потоа ќе размислува за евентуален трансфер.

„Останува во Палермо со желба да обезбедиме опстанок. За се друго потоа ќе размислувам“ – рече Несторовски.

Во сезоните од 2014 година до денес, Несторовски досега има постигнато вкупно 81 гол на официјален натпревар, од кои девет сезонава за Палермо и три во дресот на македонската репрезентација.

Се вчитува...