ЕКИПА ИНТЕРВЈУ – АНДРЕЈ ЈАКИМОВСКИ: Многу ми недостигаше репрезентацијата… Разговорот со Клеј Томпсон беше клучен да го изберам Вашингтон Стејт

Отворено со најдобрите македонски спортисти. Оние кои секојдневно ги красат спортските страници, но и со оние подзаборавените. Нивните успеси, размислувања, желби и очекувања пред идните спортски предизвици – секој вторник на ЕКИПА.МК.

========================================================================================================================== 

Еден од најдобрите македонски кошаркари Андреј Јакимовски ексклузивно за ЕКИПА.МК говореше за неговата досегашна кариера и очекувањата за иднината. Специјално за ЕКИПА.МК откри како ѕвездата на Голден Стејт Вориорс, Клеј Томпсон и зборовите кои му ги кажал се главната причина за тоа што го избрал Вашингтон Стејт. Тој вели дека секогаш му причинува посебно задоволство кога игра за репрезентацијата на Македонија и се надева дека оваа нова генерација ќе го врати мак-баскетот таму каде што припаѓа.  

Јакимовски вели дека било неверојатно искуство за него што заиграл во светскиот храм на кошарката „Медисон Сквер Гарден“ и дека бил воодушевен првпат во животот кога во живо гледал ѕвезди како Дјурант, Ирвинг, Ламело Бол… Негова цел е еден ден да излезе на драфт и да заигра во НБА лигата. Тренери со кои би сакал некогаш да соработува се Жељко Обрадовиќ и Душан Вујошевиќ, а од кошаркарите им се воодушевува на Леброн Џејмс и Лука Дончиќ. 

==========================================================================================================================

Се врати во репрезентацијата на Македонија летово. Колку си задоволен од одиграното и победите во претквалификациите против Данска и Словачка? 

Чувството е неверојатно што се вратив во репрезентацијата. Отсекогаш сум сакал да играм за репрезентација и во младите категории, а посебно сега како сениор. Во тек на сезона поради моите обврски на универзитетот во Вашингтон не можев да дојдам и сега кога можев да играм се чувствував неверојатно. Од тоа што толку ми недостасуваше репрезентацијата покажав што можам. Има многу работи кои треба да ги поправиме, но сум задоволен од двете победи над Данска и Словачка. Имаме млади играчи и таленти кои што можеме да бидеме добри во иднина. Треба многу работа и труд од сите и од тренери и од играчи за да ја вратиме кошарката таму каде што припаѓа.

Колку успехот со репрезентацијата до 18 години ти помогна во понатамошниот период од кариерата? 

Успехот со младата репрезентација до 18 години ми даде доста самодоверба. Пред да отидеме на тој турнир немавме некои очекувања, но успеавме да го направиме тој успех со влез во А-дивизија. Долги години ниту една млада репрезентација на Македонија немаше влезе меѓу најдобрите и беше прекрасно што успеавме да и помогнеме на следната генерација да може да игра со најдобрите на нивната возраст во Европа. Чест и задоволство ми беше за тоа што успеавме ние бидејќи според мене мора сите млади категории да ни играат во А-дивизија, бидејќи само кога играш со подобри противници од тебе можеш повеќе да напредуваш.

ПЕТ МЕСЕЦИ РАЗМИСЛУВАВ ДАЛИ ДА ЗАМИНАМ ВО САД!

По шампионатот замина во САД во Вашингтон Стејт. Колку време размислуваше дали да ја прифатиш понудата? 

Четири пет месеци размислував дали да заминам во САД. Тоа што избрав да заминам на колеџ место да останам во Италија и да потпишам професионален договор беше одличен избор од моја страна. Се мислев многу дали да заминам во САД или да потпишам професионален договор, сепак се одлучив да одам на колеџ бидејќи сакав да пробам нешто различно и да видам како е таму. По Европското до 18 години стапив во контакт со Вашингтон Стејт. Кога заврши сезоната во Италија ми стигнаа понуди од прва лига во таа земја, но размислив и одлучив дека ако отидам во САД, секогаш можам да се вратам во Италија бидејќи таму можам да играм и како домашен играч.

Која беше најголемата причина поради која го избра токму Вашингтон Стејт?

Клеј Томпсон е веројатно главниот виновник што го избрав Вашингтон Стејт. Јас се мислев дали во Европа или во Вашингтон. Бев на 48 часовна посета на колеџот. Имав околу 20 понуди од САД, но од Италија ме пуштија само во Вашингтон Стејт. Секој ден ми пишуваа и се почувствував посакуван. Кога бев на посетата присуствував на повлекувањето на дресот на Клеј Томпсон. Јас отидов на тренинг на клубот и во тој момент доаѓа Клеј Томпсон. Се поздравува со мене, малку поразговаравме и ми кажа „Најубавите години во мојот живот беа во Вашингтон Стејт. Без разлика на титулите и се што направив во кариерата, најубавите години ми беа во Вашингтон Стејт“. Шутиравме малку со него, а следниот ден беше натпреварот, а во салата присутни пред мене Стеф Кари, Клеј Томпсон и Заза Пачулија. Дефинитивно решив дека Вашингтон ќе биде мојата следна дестинација.

Што беше првото нешто што го помисли кога стигна во кампусот на колеџот? 

Кога стигнав во САД прво нешто што си кажав самиот на себе беше „Кај дојдов? Што правам јас тука?“. Во Италија бев во Торино што е голем град, а таму отидов во студентски град мал град, кој има неверојатни услови. Тоа се слободно може да се каже НБА услови. Салата е со 17 илјади капацитет, имаме голем фитнес центар и тоа многу ми се допадна бидејќи си фокусиран само на кошарка и учење. Целиот ден ти поминува на часови и тренинг и фитнес. Буквално од осум наутро до осум навечер си зафатен и со обврски. Тоа е добро бидејќи таму ги немам најблиските и одлично е што целиот ден ми е исполнет.

ОЧЕКУВАМ ТРЕТАТА СЕЗОНА ДА МИ БИДЕ НАЈДОБРА НА КОЛЕЏ! 

Кои се твоите очекувања од третата сезона во Вашингтон и каде се гледаш за неколку години? 

Сакам да стигнам колку може подалеку во кариерата, а сметам дека преку колеџот полесно е да се стигне до НБА драфт или Г-лига и затоа мислам дека направив правилен потег. Првата и втората година беа потешки додека се навикнам, бидејќи стилот на игра е многу поразличен отколку во Европа. Сепак, како „фрешмен“ од Европа никој не игра толку многу, а јас добив 25 минути по натпревар, а 19 меча бев во првата петорка. Направив чекор во процентите и очекувам многу од третата година и јас и моите тренери во колеџот. Сметам дека годинава е се подготвено за да имам одлична сезона да покажам тоа што го знам. Прва цел ми е драфт, но добар избор е и Г-лига бидејќи во последно време многу добри играчи излегуваат и од таа лига во НБА. Сега сум таму и сакам што подолго да останам во Америка.

Имаш ли контакт со некои од играчите кои што се во НБА од овие простори? 

Марко Симоновиќ од Чикаго Булс ми е еден од најдобрите другари. Кога отидов во Италија тој беше првиот што ми помогна. Потпиша добар договор и веднаш го пратија во развојна лига. Една година остана таму и ми кажува дека многу му помогнале натпреварите во лигата за да сфати како функционираат работите и еве годинава беше одличен во „Летната лига“, беше во вториот тим во лигата. Ми кажува дека е подготвен и за НБА и дека годинава ќе покаже многу. Така да развојната лига е одлична за млад играч да напредува и да добие шанса во НБА. Најдобар пример за тоа е Џордан Пул кој беше исто така во Г-лигата, па годинава беше втор играч во Голден Стејт Вориорс кои стигнаа до прстенот.

КАКО ДЕТЕ „МЕДИСОН СКВЕР ГАРДЕН“ ГО ГЛЕДАВ НА ТВ, А ДЕНЕСКА ИГРАМ ВО НЕГО!

Можеш ли да издвоиш некој меч во САД и дали си имал прилика да гледаш некои од најдобрите кошаркари? 

Кога бевме во Њујорк ги гледав Бруклин и Шарлот. Искрено прв натпревар ми беше тоа НБА, но феноменално искуство. Кевин Дјурант, Кајри Ирвинг и Ламело Бол ги гледав во живо. Навистина тоа беше нешто неверојатно. Имав шанса да играм и во „Медисон сквер гарден“ и тоа е нешто посебно. Немам зборови да опишам како се чувствував. Тоа чувство е неверојатно, бидејќи од мал сум сонувал да играм во таа арена. Пробуваш да ги исконтролираш емоциите, но чувството е нереално. Како дете сум гледал само натпревари во „Медисон“, а сега играм таму. Кога игравме во арената, влегуваш во тунелот каде поминале сите легенди во НБА и навистина е чест и задоволство да се игра во таа сала каде има 14/15 илјади кои се најблиску до европските навивачи.

ОБРАДОВИЌ И ВУЈОШЕВИЌ СЕ ТРЕНЕРИ СО КОИ БИ САКАЛ ДА СОРАБОТУВАМ, ЛЕБРОН И ДОНЧИЌ СЕ НАЈДОБРИ ВО СВОЈАТА ПРОФЕСИЈА!

Со кои тренери и кошаркари би сакал да соработуваш некогаш во кариерата? 

Дефинитивно тренери со кои би сакал да работам се Жељко Обрадовиќ и Душан Вујошевиќ. Сум слушнал муабети од другари и соиграчи за Вујошевиќ и неговиот начин на работа. Три часа наутро и три часа навечер посветува сам на кошарката и ги гледа сите детали. Сметам дека се врвни тренери и многу можеш да научиш од нив. Двајцата сакаат многу да работат и тоа ми е најважно на мене. Сакам да работам и иако сега не работи Вујошевиќ никаде, мене ми е желба доколку би можел со него да соработувам еден ден и да бидам дел од неговиот систем. Омилени кошаркари ми се Леброн Џејмс и Лука Дончиќ. Би било прекрасно доколку еден ден би можел да заиграм со еден од нив, тоа ќе биде исполнување на сите соништа.

 

Се вчитува...