ЕКИПА ИНТЕРВЈУ – АНГЕЛА ЈАНКУЛОВСКА: Можеме да го вратиме сјајот на женскиот ракомет… Ми се тресеа нозе прв пат кога играв против Лекиќ, Пенезиќ…

Отворено со најдобрите македонски спортисти. Оние кои секојдневно ги красат спортските страници, но и со оние подзаборавените. Нивните успеси, размислувања, желби и очекувања пред идните спортски предизвици – секој вторник на ЕКИПА.МК.

========================================================================================================================== 

Една од најдобрите млади македонски ракометарки, Ангела Јанкуловска отворено за ЕКИПА.МК говореше за нејзината досегашна кариера, но и очекувањата за иднината. Таа беше дел од репрезентацијата до 19 години која настапи на ЕХФ шампионатот во Скопје. 

Јанкуловска вели дека голем успех за неа претставува тоа што беше МВП на завршниот турнир на Купот на Македонија минатата година, но и за очекувањата од новата сезона во која ќе биде дел од Ѓорче Петров кој по долго време повторно ќе има конкурентен тим. 

Таа смета дека Македонија има нова генерациј која може да го врати сјајот на женскиот ракомет. Иако како дете се занимавала и со гимнастика, дефинитивно одлучила ракометот да и биде број еден. 

==========================================================================================================================

ОЧЕКУВАВ ПОВЕЌЕ ОД НАСТАПОТ НА ЕХФ ШАМПИОНАТОТ!

Како си задоволна од настапот на ЕХФ шампионатот до 19 години на кој бевме домаќини? 

Искрено очекував повеќе. Имавме малку време за подготовки и тоа ни беше малку минус. Мислам дека ако имавме повеќе собери претходно ќе имавме подобар резултат. Бевме само дваесетина денови на подготвки. Искрено многу ми се допадна системот на селекторот и тренинзите беа одлични, но сепак имавме премногу малку време. Не сум премногу задоволна и од самата себе, бидејќи секогаш може подобро.

Дали сметаш дека новата генерација на ракометарки во Македонија од која си и ти дел може да го вратите стариот сјај на женскиот ракомет во нашата земја? 

Мислам дека можеме. Мислам дека ако се направи добра селекција и комбинација на нас младите со искусните. Имаме време да се подготовиме и треба тоа да го искористиме на најдобар можен начин. Секоја од нас треба индивидуално во тимовите да се подготвува најдобро што може , па кога ќе се собереме во репрезентација само да работиме на воиграност. Хрватска покажа дека може со голема работа да се направи голем успех, откако успеаја да го освојат третото место на Европското првенство. Затоа тие треба да ни бидат пример и да работиме секој ден се повеќе и повеќе. Верувам во нас и мислам дека можеме да мотивираме и нови девојки да почнат да тренираат и секоја нова генерација да ни биде се подобра и подобра.

СО НЕТРПЕНИЕ ГИ ОЧЕКУВАМ МЕЧЕВИТЕ СО ЦРНА ГОРА И НОРВЕШКА!

Со сениорската репрезентација ќе одиграте пријателски мечеви со репрезентации кои што се во врвот на светскиот ракомет како Норвешка, Црна Гора и Словенија. Твое очекување од тие мечеви? 

Едвај ги чекам тие натпревари со овие три репрезентации. Сакам да видам до каде сме што сме ние помладите и многу ќе значат за нас тие натпревари. Не е исто кога играш со твојата возраст ракометарки и кога играш со некои од најдобрите во свет. Се радувам на тие мечеви и мислам дека се идеална шанса за наш напредок.

ГОЛЕМА МОТИВАЦИЈА ЗА ПОНАТАМУ МИ Е МВП НАГРАДАТА ОД КУПОТ НА МАКЕДОНИЈА!

Минатата сезона беше избрана за МВП на завршниот турнир во Националниот куп. Што значи ова признание за тебе? 

Искрено ми беше цел да бидам и најкорисен играч на финалето. Се знаеше дека Куманово ќе освои, но имав желба да стигнам и до признанието. Не очекував толку добро да играм, бидејќи претходните натпревари не ги одиграв баш најдобро, но ете завршницата на купот помина одлично. Мотив плус за мене во кариерата е признанието, но пред се двојната титула која ја освоивме во домашниот шампионат со Куманово. Без разлика што бевме фаворити во лигата, трениравме напорно цела сезона и дававме се од себе. Искрено мене лично не ми се допаѓаше тоа што цело време победувавме. Само во Македонија е така. Во странство е поголема конкуренцијата. Јас сакам да имам тешки натпревари и затоа се радувам на новата сезона кога ќе има три или четири квалитетни тимови.

Годинава си дел од Ѓорче Петров тим со голема традиција. Кои се твоите очекувања од новата сезона?

Цел ни е пласман во првите четири. Мислам дека имаме квалитет да се бориме дури и за едни од првите две позиции на табелата. Добро поминавме на контролните мечеви. Ни треба малку време да се запознаеме меѓу себе и да се воиграме.

МИ СЕ ТРЕСЕА НОЗЕТЕ ПРВ ПАТ КОГА ТРЕБАШЕ ДА ИГРАМ ПРОТИВ ЛЕКИЌ, ПЕНЕЗИЌ…!

Кога беше дел од Пелистер имаше мечеви против ЖРК Вардар во кој во тоа време играа најдобрите ракометарки од Европа. Какво беше твоето искуство со нив и како се чувствуваше на првиот меч?

Буквално ми се тресеа нозете пред натпревар со нив. Игравме тука во „Јане Сандански“ и буквално кога влегов во салата се тресев целата. Го земав телефонот да сликам, буквално рацете ми се тресеа. Иако играв за Пелистер тогаш сите ги сакавме и навивавме за нив. Нормално многу лесно не добиваа, но можеш да се пофалиш дека си играл против нив. Многу се фини и воопшто не се правеа дека се ѕвезди. Посебен впечаток ми остави Дамњановиќ, но се на се одлично искуство за мене.

Како се одлучи за ракометот и во кој европски гигант се гледаш еден ден? 

Мајка ми е гимнастичарка, татко ми атлетичар поранешни. Како мала тренирав гимнастика и мислев дека ќе продожам со тој спорт. Дедо ми цело време ми говореше дека ќе станам ракометарка. Европското 2011 во Србија знам дека на училиште гледавме по цели денови ракомет. Со сестра ми игравме дома ракомет и на нејзина идеја и двете се запишавме на ракомет. Почнав во младинскиот клуб на Зарков и Марковски. Почнав како дете да играм со машки. Брзо напредував и некаде на 10/11 години почнав да играм со постарите. Цело време како дете играв со поголеми. Првпат да играм со моја возраст ракометарки беше минатата година кога бев дел од репрезентацијата до 17 години. Градот има ракометна традиција и покрај што е голема чест и голем притисок е кога си роден во Битола. „Не можеш да си поставиш цел еден клуб бидејќи работите во женскиот ракомет многу брзо се менуваат. Сакам да играм Лига на шампиони и секоја недела да имам мечеви против најдобрите. Се разбира најмногу би сакала тоа да биде со македонски тим и да успееме да го вратиме периодот кога Македонија имаше свој тим во елитата, но се разбира тоа да биде со македонски ракометарки. Иако не е моја позиција, Нике Грот ми е идол. Немаме сличен стил, но ја следам и имам научено многу од нејзините игри. Се разбира тука е и Едуарда Аморим која во последните десет години е можеби и најдобрата ракометарка во свет. 

КАКО ДЕТЕ КОЕ Е РАСТЕНО ПОД ПЕЛИСТЕР, ЈА ОБОЖАВАМ ПЛАНИНАТА!

Што сака да прави Ангела во слободно време и кога не размислува на ракомет? 

Дете сум кое е растено под Пелистер. Сакам многу да планинрам и да возам точак. Сакам да се гледам со моите пријатели, но на некои места како што е парк. Ја сакам природата и едноставно за мене е идеална кога сакам малку да одморам од тренинзи и ракомет и да ги наполнам батериите за следните предизвици кои ме пречекуваат во иднина. Сега кога сум надвор од Битола, немам премногу време, но кога ќе се вратам Битола обавезно морам да се качам или до Молика или до Копанки, а кога имам повеќе време и на езера.

Се вчитува...