ЕКИПА ИНТЕРВЈУ – ИВА МЛАДЕНОВСКА: Злато со Македонија ми значи многу повеќе од било која индивидуална награда

Отворено со најдобрите македонски спортисти. Оние кои секојдневно ги красат спортските страници, но и со оние подзаборавените. Нивните успеси, размислувања, желби и очекувања пред идните спортски предизвици – секој вторник на ЕКИПА.МК.

========================================================================================================================== 

Најталентираната македонска ракометарка, „чудото од дете“, Ива Младеновска отворено за ЕКИПА.МК говореше за големиот успех и освојувањето на ЕХФ шампионатот до 17 години. Таа со само 14 години беше избрана за најкорисна ракометарка на турнирот и со тоа се запиша со златни букви во историјата на македонскиот ракомет. 

Младеновска искрено зборува и за нејзините очекувања во продолжението на кариерата не само на репрезентативен туку и на клупски план. Идоли во ракометот и се Кирил Лазаров и Нора Мерк, а иако може да игра и на крило, бековската позиција е нејзината омилена. 

Иако мајка и која исто така се занимавала со ракомет ја советувала да не се занимава професионално со овој спорт, сепак на крајот љубовта кон оваа игра победила. 

==========================================================================================================================

НАШАТА ТАЈНА Е ВО ТОА ШТО ИГРАВМЕ КАКО ТИМ СИТЕ ЗА ЕДНА И ЕДНА ЗА СИТЕ!

Колку значи за тебе МВП трофејот кој го освои со само 14 години на ЕХФ шампионатот во Литванија на кој го освоивте и златниот медал? 

Чувството беше прекрасно. Повеќе ми значеше златото со Македонија бидејќи бевме сите девојки како едно и игравме како тим. Иако бев прогласена за најкорисна ракометарка на турнирот, освојувањето на златниот медал не беше само моја заслуга. Успеавме да се избориме и против ривалите, но и против судиите во полуфиналето бидејќи навистина бевме оштетени. Голем плус беше што дел од мојата генерација бевме дел од репрезентацијата до 19 години и иако не добивме голема шанса на турнирот во Скопје, трениравме буквално цело лето и бевме во топ форма за ЕХФ шампионатот во Литванија. По полуфиналето кратко славевме и веднаш почнавме да се подготвуваме за финалето против Исланд. Бевме самоуверени и верувавме дека можеме да стигнеме до победа и титула. Чим стигнавме до финале знаевме дека само победа е императив. Немавме притисок бидејќи наша цел беше полуфинале со што ќе направиме најголем успех во историјата. И селекторот секогаш ни зборуваше да немаме никаков товар бидејќи го остваривме зацртаното, но ние сите девојките верувавме во победа и знаевме дека можеме да стигнеме до трофејот. Мислам дека оваа генерација можеме многу. Ни следува Светско првенство за кое ветувам дека ќе се подготвуваме и тренираме многу повеќе него сега. Се надевам дека иако ќе бидеме аутсајдери на тој турнир, ниту еден противник нема лесно да не добие и ќе одиме да дадеме максимум на секој натпревар.

ФИНАЛНИОТ МЕЧ И ПОБЕДАТА ПРОТИВ ИСЛАНД ЌЕ ЈА ПАМЕТАМ ЦЕЛИОТ ЖИВОТ!

Кој натпревар ќе го паметиш најмногу и дали дел од силата ја пронајдовте во тоа што дел од репрезентациите ве потценија? 

Пак ќе кажам воопшто не ми е важен мојот индивидуален настап, ако тимот победува. Дефинитивно ќе го паметам цел живот полуфиналето против Полска на кое дадов 12 гола, но омилен натпревар ми е финалниот против Исланд кога стигнавме до титулата. Бевме многу уморни бидејќи игравме многу натпревари во краток период. Срцето на крајот победи и затоа тој натпревар ми е омилен од турнирот. Многу од репрезентациите не потценија на првенството. Литванките на загревање ни се смееја. Си слушаа музика и си пееја. Ние бевме сконцентрирани и тоа беше дополнителен мотив за нас. Истото се случи и со Полска, премногу не потценуваа пред натпреварите. Иако беа многу повисоки од нас и физички изгледаа многу поголеми од нас, на крајот нашата борба и нашето срце ги доби натпреварите. 

ЈУЛЕ ЦРВЕНКОВСКА МЕ НАПРАВИ РАКОМЕТАРКА… БЕСКРАЈНО БЛАГОДАРНА СУМ НА НЕА И СЕЛЕКТОРОТ САВЕВСКИ

Со само 14 години беше најмлада и во репрезентацијата до 17 и во репрезентацијата до 19 години. Очекуваше ли повик од селекторот? 

Не размислував многу и не очекував. Играв младинска лига со Металург и освоив МВП во домашното првенство. Можеби беше очекувано да бидам повикана во репрезентацијата, но искрено не размислував за тоа. Имаше коментари на почеток зошто дел од младите сме викнати и во постарата генерација, но на крајот се покажа дека селекторот Љубомир Савевски направил одличен избор. Бескрајно сум благодарна на селекторот Савевски што ми даде шанса, но морам да ја споменам и Јулијана Црвенковска која буквално кажано таа ме направи ракометарка. Нема што повеќе да се каже за една жена која што е многу посветена на ракометот и премногу сме и благодарни сите кои работиме со неа. 

МОЖАМ ДА ИГРАМ И НА КРИЛО, НО БЕКОВСКАТА МИ Е ОМИЛЕНА ПОЗИЦИЈА

Играш и на бековска и на крилна позиција. Каде се чувствуваш поубаво и сакаш кариерата да ти продолжи во таа насока? 

Поубаво се чувствувам на бековска позиција. Кога почнав со ракомет играв на крило, но кога дојдов во Металург Јулијана Црвенковска ме направи бек. Од тогаш почнав да играм бек и мислам дека можам многу повеќе да му помогнам на тимот на таа позиција. На крило немам многу искуство, но можам да помогнам и таму ако тренерот од мене го побара тоа.

Годинава ќе бидеш дел од првиот тим на Металург. Кои се вашите очекувања и дали ќе ја нападнете титулата во домашното првенство? 

Очекувањата на тимот секогаш се големи. Одиме на прво место сезонава. Имавме одлични подготовки и мислам дека максимално подготвени ќе ја дочекаме новата сезона. Се надевам дека ќе имаме успешна сезона. Има повеќе квалитетни тимови сезонава што е одлично бидејќи ќе имаме многу добри натпревари. Подобро за секој е да играме дерби натпревари, а годинава покрај ние добри тимови имаат и Куманово, Вардар, Ѓорче Петров, Чаир. Играме и ЕХФ куп што многу значи за нас и очекувам дека можеме да го поминеме првото коло.

МАЈКА МИ МЕ СОВЕТУВАШЕ ДА НЕ ТРЕНИРАМ РАКОМЕТ, НО ЉУБОВТА КОН ОВОЈ СПОРТ Е ПОГОЛЕМА ОД СЕ!

Како се одлучи за ракометот и кои се твоите идоли? 

Мајка ми беше ракометарка, но поради повреда морала рано да ја заврши кариерата. Таа ме советуваше да не тренирам ракомет, но веројатно крвта не е вода и џабе е се. Бевме на натпревар со мајка ми и татко ми го гледавме Вардар и имав голема желба за тоа. Се запишав и веднаш сфатив дека сум заљубена во овој спорт. Уште во основно училиште решив ракометот да ми биде број еден и само на тоа размислувам. Во моментов сум во спортската академија и тоа ми е голем плус бидејќи професорите имаат разбирање за нас и можеме и додека сме во училиште да тренираме. Не насочуваат правилно и работиме со одлични луѓе. Идол ми е Нора Мерк. И покрај многуте повреди кои ги имаше секогаш успеваше да се врати и веќе долго време е во врвот на женскиот ракомет. Таа е пример дека не е се во физичките предиспозиции, бидејќи е висока околу 170 центиметри, но нејзините удари завршуваат во аголот на голот без никаков проблем. Од машките дефинитивно Кирил Лазаров како наш најдобар ракометар и еден од најдобрите во историјата во светот.

 

 

Се вчитува...