ЕКИПА ИНТЕРВЈУ – КРИСТИЈАН НАУМОВСКИ: Враќањето во Македонија ми ја воскресна кариерата, Милевски и Седлоски се најдобри македонски тренери

Отворено со најдобрите македонски спортисти. Оние кои секојдневно ги красат спортските страници, но и со оние подзаборавените. Нивните успеси, размислувања, желби и очекувања пред идните спортски предизвици – секој вторник на ЕКИПА.МК.

==========================================================================================================================

Голманот на Шкупи, Кристијан Наумовски говореше за враќањето во фудбалската репрезентација и натпреварот со Италија кој го добивме во Палермо. Тој кажа и за неговата соработка со селекторот Благоја Милевски, како и тренерот на голманите Томе Пачовски и неговите колеги Столе Димитриевски и Дамјан Шишковски.  

Наумовски за ЕКИПА.МК направи споредба меѓу минатата генерација од која беше дел и оваа сега нова генерација која испишува историја во македонскиот спорт. Говореше и за интернационалните трансфери во Динамо Букурешт, но и за неговиот престој во Кина. 

Искусниот голман вели дека во моментов во Шкупи е презадоволен и дека феноменално е да се соработува со Гоце Седлоски. Од клубот и од навивачите е одлично прифатен и на еден начин признава дека враќањето во Македонија му ја „воскресна кариерата“.

==========================================================================================================================

МНОГУ МИ ЗНАЧИ ТОА ШТО СЕ ВРАТИВ ВО РЕПРЕЗЕНТАТИВНИОТ ДРЕС!

По долго време и голема пауза се врати во репрезентацијата на Македонија. Kолку значи тоа за тебе и како е да се соработува со Благоја Милевски и Томе Пачовски, како и со колегите Димитриевски и Шишковски? 

За мене сега многу значеше што на оваа возраст селекторот ме врати во репрезентација, особено на едни вакви два натпревари кои се значајни за цела Македонија.Многу млади дечки се сега во репрезентацијата. Јас бев последен пат во репрезентацијата многу одамна и од тоа време останавме само јас, капитенот Ристовски и Трајковски. Сепак, ги знам сите добро сум играл против нив. Селекторот ми се јави по подготовките во Анталија каде беше и тој. Добро одиграв на тие мечеви и тој ми се јави некаде две недели пред собирот и ме праша како сум и во каква форма сум. Ми рече те планирам за во репрезентација, ќе ти се јави тренерот на голманите Томе Пачовски. Милевски не го знаев до сега добро, но премногу бев позитивно изненаден од неговата работа и презадоволен сум од тоа како работи. Голем професионалец и се е до детаљ испланирано кај него. Со Пачовски бев осум години во репрезентација и се знаеме многу добро. Супер беше соработката со него и со Димитриевски и Шишковски. Со Шишковски се знаеме од деца од Работнички. Кога се вратив од Кина тренирав со Работнички и таму повторно бевме заедно. Со Столе не се познаваме до собирот и првпат се сретнавме. Морам да кажам неверојатен професионалец и сигурно најдобриот голман во историјата на Македонија.

ПО ПОБЕДАТА НАД ИТАЛИЈА МИЛЕВСКИ НИ КАЖА САМО ЕДНА РЕЧЕНИЦА „МОМЦИ ВИЕ НЕ СТЕ НОРМАЛНИ!

Беше дел од репрезентацијата во Палермо. Што се случуваше на клупата по голот на Трајковски и што ви кажа прво Милевски по мечот?

Сите чекавме крај на мечот и продолженија. Го чекавме судијата да свири крај. Столе ја држеше топката да помине време. Кога ја шутна, Миовски ја спушти и чекавме крај. Трајковски како што ја прими и шутна, веќе сите на клупа почнавме да скокаме и влетавме во терен. Како селекторот виде дека се гледа ВАР почна да ни довикува „враќајте се, враќајте се“. Чекаме на клупа што ќе биде и кога видовме дека е голот признаен почна забавата. По мечот кога влеговме во соблекувална Милевски ни кажа само една реченица „Вие момци не сте нормални“, и потоа излезе од соблекувалната.

Првиот повик во репрезентацијата го имаше на 18 години. Дали погреши поради тоа што замина во Кина, моментот кога и го загуби репрезентативниот статус? 

Првпат заиграв на 18 години, Мирсад Јонуз ме викна на пријателски дуел со Канада. Во тој период бев во репрезентацијата заедно со Нурединовски и Пачовски. До 27 години бев редовен во репрезентацијата се додека не заминав во Кина. Можеби направив грешка што заминав бидејќи загубив место во репрезентацијата и можеби ќе направев и подобар трансфер во Европа, но финансиската понуда не можев да ја одбијам. Со Австралија игравме тука пријателска и на тој меч ме гледаат менаџери од Кина и по два/три дена добив понуда која не можев да ја одбијам. Размислував да останам и тука имав понуди од европски тимови, но кога стигна убава понуда не можев да ја одбијам. Од една страна финансиски добив многу, но од друга на некој начин со тој трансфер го загубив местото во репрезентација. Сигурно ќе бев во репрезентација, но тоа е што е.

Можеш ли да направиш разлика меѓу репрезентацијата кога го имаше првиот настап и таа сега? 

И тогаш и сега нашите фудбалери играа во големи клубови. Имавме и тогаш класа фудбалери, како Пандев, Седлоски, Васоски, Шумуликовски… Сега е доста променето. Кога бев порано се гледаше дека има лидери… Седлоски, Пандев стануваше големо име. Сега сите се како големо семејство нема голема ѕвезда, сите се заедно. Милевски го направи тоа и стварно сега овие дечки веруваат дека можеме секого да победиме. Кога можеме да ја победиме Италија можеме секого да победиме. Порано се беше големо изненадување и не верувавме ни самите, сега е поразлично, веруваме дека можеме да победиме со секого. Првиот ден кога се собравме за Италија селекторот ни кажа „Кој не верува дека можеме да ја победиме Италија знае каде е вратата и може слободно одма да си замине. Јас сум првиот што верувам дека можеме да ја победиме Италија“. На крајот тоа и се случи. Дали случајно, дали среќно, несреќно ние ја победивме Италија.

ВО РОМАНИЈА ПО ПОРАЗ ВО ДЕРБИ НЕ СМЕЕШ ДА ИЗЛЕЗЕШ НА УЛИЦА!

Првиот интернационален трансфер од Работнички го направи во Динамо Букурешт. Колку ти беше тешко толку млад да заминеш надовро од Македонија? 

Првите шест месеци кога бев во Букурешт ми беше навистина многу тешко. Од еднаш од Работнички клуб со 20 луѓе на стадион, јас играм натпревар дерби против Рапид со полн стадион и војна невидена. Кога ќе загубиш дерби во Романија не смееш да излезеш ниту до продавница. Ако загубевме од Стеауа или Рапид не не пуштаа да одиме ниту до продавница, бидејќи цел град беше на улица и се бараа виновници за поразот. Секогаш е најтежок првиот чекор, така беше и со мене во Романија. Но, со тек на време се навикнуваш и созреваш и подруго гледаш веќе на работите. Ти влага во глава дека си вклучен во проектот и твое само да даваш максимум.

Голем период од кариерата го помина во Кина. Како се снајде таму и можеш ли да направиш разлика со условите кај нас? 

Многу вложуваат во спортот во Кина, но не им е победата на прво место како во Европа или поготова на Балканот. Да имаме состаноци три дена каде сме грешеле што сме грешеле. Не е трагедија како во Македонија. Не е трагично ако загубиш натпревар, а што е најинтересно па можеби повеќе од десет пати вложуваат од нас. На сопствениците им е важно да се победи само за да може да се покажат пред другите сопственици на клубовите. Сепак, животот продолжува и не може толку лично да сфаќаме еден пораз. Не може секој да се навикне на живот во Кина. Таму нема кафиња пиење, ручеци. Секој си оди дома по тренинг и си завршуваат работа што си имаат. Првите месеци беа тешки додека се навикнеш на начин на живот, каква храна, каде смееш да излегуваш, каде не… Има места што се екстремно богати, но има и неверојатно сиромашни места. Бев со Црногорец во клубот и тој не успеа да се навикне и сакаше да си замине по шест месеци. Остана поради финансиите, но не продолжи на уште една година иако беше прв стрелец во лигата. Јас имав искуство и успеав да се навикнам на животот таму.

ШКУПИ Е МНОГУ СЕРИОЗЕН ПРОЕКТ! 

Во моментов си во Шкупи и сте на чекор до титула. Колку си задоволен од Шкупи и соработката со Гоце Седлоски? 

По долго време се вратив во Македонија и добив повик за во Шкупи. Имав понуди за во странство, но одлучив да се вратам тука. Првите шест месеци ми требаше време да се навикнам на различни услови за работа, начин на игра. Но, сега веќе се чувствувам одлично, веќе втора сезона во Шкупи. Навистина сопственикот ни обезбеди одлични услови, го донесе најдобриот тренер во Македонија, Гоце Седлоски. Може многу да зборат било што, но неговите резултати кажуваат и повеќе од доволно за него. Беше во Вардар шампион, во Турново до последно коло се бореше за титула, беше и во Динамо Загреб и според мене тој е најзаслужен за нашите успеси. Исто така морам да го споменам и нашиот тренер на голманите, Матеа Мирков, кој многу ми помогна и можам да кажам дека ме врати во живот. Ги имаме најдобрите услови во Македонија, како финансиски така и со се останато. Се гледа на табелата дека сме многу сериозен проект и се надевам дека нема тука да застанеме и нема да се откажеме лесно и од Европа. Во моментов се гледам во Шкупи каде ми дадоа голема доверба поставувајќи ме за капитен.

Дали враќањето во Македонија ти ја врати кариерата? 

Враќањето во Македонија ми ја врати кариерата. Каде и да играв бев многу почитуван, во сите клубови скоро бев капитен, но некако со моето заминување, како да ја изгубив репрезентацијата. На еден начин тоа финансиски ми помогна, но на друг изгубив можеби место во репрезентација и поголем трансфер. Кога се вратив во Шкупи, најбуквално да кажам повторно сум актуелен и ете тоа вроди и со повик во репрезентацијата по долга пауза. Навивачите и сите во клубот одлично ме прифатија. Добивам секојдневно пораки со поддршка и тоа ми значи. Нормално, ако дојде некоја убава понуда од странство, ќе седнам и ќе разговарам со раководството за што понатаму. Сепак, во моментов размислувам само на Шкупи и освојување на титулата во домашниот шампионат.

Се вчитува...