ЕКИПА ИНТЕРВЈУ – ЛЕОНИДА ГИЧЕВСКА: Македонија има генерација која може да ја врати славата на женскиот ракомет

Отворено со најдобрите македонски спортисти. Оние кои секојдневно ги красат спортските страници, но и со оние подзаборавените. Нивните успеси, размислувања, желби и очекувања пред идните спортски предизвици – секој вторник на ЕКИПА.МК.

========================================================================================================================== 

Една од најдобрите македонски ракометарки Леонида Гичевска отворено за ЕКИПА.МК говореше за нејзината досегашна кариера и очекувањата во следниот период. Специјално за ЕКИПА.МК открива за тоа како е да се живее во Франција и да се биде дел од една од најуспешните нации во женскиот ракомет. 

Гичевска искрено зборува и за тоа како уште од тринаесет години сама од Свети Николе се сели во Скопје и како една млада девојка прераснува во жена со помош на ракометот. Таа ни открива како настанала љубовта кон ракометот, и зошто се одлучи за дресот со број „88“ кој ја прати целата кариера.

Таа вели дека има многу научено од Андреа Лекиќ и Андреа Пенезиќ во времето кога беше дел од ЖРК Вардар. Слободното време кое го има го користи за учење на француски јазик и за гледање на ТВ серии.  

==========================================================================================================================

Во новата сезона ќе настапуваш за Самбре тим од втората француска лига. Кои се очекувањата на клубот, но и на твој личен план? 

Тимот во кој потпишав, Самбре се очекува да биде меѓу најдобрите во втората лига. Собрани сме група на млади ракометарки кои што може да се развиваат. Имав понуди и од екипи од првата француска лига, но искрено во овој момент од мојата кариера најважно ми е да имам загаринтирана минутажа, а не да седам на клупа и да добивам многу малку шанса. Очекуваме ако не оваа сезона, сигурна сум дека другата ќе влеземе во Првата лига. Искрено во кариерата сакам да одам чекор по чекор и најважно од се ми е да имам голема минутажа на секој меч. Во лигата сите тимови се израмнети и квалитетни и тоа значи дека ќе имам силни натпревари секоја недела. Ќе работам со тренер кој беше дел од младите категории во Брест Бретањ кој играше финале во Лига на шампиони годинава. Така да можам само да кажам дека ќе бидам во одлична околина за развивање на млади играчи. Додека бев со репрезентација имав разговор преку зум со него и тогаш дефинитивно одлучив дека следната сезона ќе играм во Самбре.

ВО ФРАНЦИЈА МНОГУ НЕ ПОЧИТУВААТ … НЕШТО ШТО НЕ Е СЛУЧАЈ ВО МАКЕДОНИЈА 

Како се навикнуваш на животот во Франција и колку си задоволна од една година помината во земјата, особено во период во кој пандемијата се уште е главен проблем во светот? 

Во Франција ми се допаѓа тоа што се е тотално професионално што мене многу ми влијае позитивно. Имам многу помош од ракометарките од овие простори. И од нашите, но и од балканките општо. Исто така одлично ме прифатија и француските ракометарки и за се се тука да ми помогнат. Сепак, дружење нема многу како на овие простори. После тренинг сите заминуваат дома на одмор нема одење по кафулиња и многу слободно време. Мене искрено тоа ми се допаѓа бидејќи сум голем работник и навистина сакам максимално да се посветам на мојата кариера. Сакам многу да тренирам и ми одговара тој начин на живот. Интересно е тоа што во странство сме многу ценети. Не гледаат на друг начин и многу не почитуваат. Самиот се чувствуваш дека вредиш, што е голема разлика од играње во Македонија. Кога ќе отидеш во странство дека се што даваш ти се исплаќа и е ценето. Зимно време во Македонија се случува да смрзнуваме во салите, тоа го нема откако играм во Франција. Во Македонија имаме две сали што имаат греење во текот на целата година. И тие услови многу влијаат на повреди. Премногу ракометарки се повредуваат токму поради лошите услови. Да оставиме финансиите на страна, мислам дека заслужуваат сите девојчиња кои уште играат во Македонија да имаат барем елементарни услови за работа. 

МНОГУ НАУЧИВ ОД АНДРЕА ЛЕКИЌ И АНДРЕА ПЕНЕЗИЌ 

Во Македонија беше дел и од Вардар, и од Металург и од Куманово. Можеш ли да направиш споредба меѓу овие три клуба и како си задоволна од времето поминато во нив?

Со сите три екипи имам добро искуство и задоволна сум како поминав. Најмногу ми значеа искрено годините во ЖРК Вардар бидејќи трениравме заедно со најдобрите ракометарки од овие простори. Навистина премногу можеш да научиш од Андреа Лекиќ и Андреа Пенезиќ. Тоа што ми го имаат кажано, многу ми помага во кариерата. Тие некои минимални работи и движења кои ја прават разликата меѓу добар и одличен ракометар. Да не беа тие две некои работи никогаш немаше да ги научам. Таа втора екипа што бевме заедно трениравме пет години. Игравме Челинџ и ЕХФ куп и навистина бевме собрана добра екипа. Во Металург бевме една цела генерација ракометарки кои играме заедно од најмлади години. Заедно имаме играно и на Европско кадетско во Македонија, бевме заедно дел и од младинската репрезентација и буквално заедно израсневме бидејќи сите учевме во спортската академија. Јулијана Црвенковска која ни беше професор во академијата ни беше тренер во Металург и едноставно сите многу добро се познававме и тоа го крунисавме со титула во домашниот шампионат. Во Куманово иако бев прифатена на најдобар можен начин немав среќа. Прво почнав со повреда која сум ја влечела од порано. Само што се вратив во форма и се беше добро, фати корона и така некако заврши мојата авантура во Куманово.

На 13 години од Свети Николе дојде во Скопје за да бидеш дел од спортската академија. Дали сметаш дека побрзо созреа од својата генерација и колку таа самосталност уште од рана возраст ти помогна во кариерата? 

Сметам дека навистина имам побрзо созреано од мојата генерација. Прво кога дојдов во Скопје бев во вистински хаос. Дете од Свети Николе на 13 години дојдено да живее во голем град. Многу е тешко да почнеш во клуб, во училиште. Како прво не знаев автобусите каде одат. И неколку пати ни се случуваше тотално да го промашиме автобусот и тоа каде оди. Сепак, убав период во животот и колку и да е тешко така млад одделен од фамилија и најблиски големо искуство и убави години. По три недели не се враќав дома. Преку цела недела во училиште, сабота ако имаме некое гостување во Струга да речеме и ти останува недела само слободен ден, а подобро да се одмориш во Скопје отколку повторно да патуваш до дома за само еден ден. Навистина со девојките со кои бевме во спортска академија бевме како сестри.

ВО РАКОМЕТОТ СЕ ЗАЉУБИВ ПОРАДИ ТАТКО МИ… „88“ ЕДНАТА ОСМИЦА Е НА ТАТО, ЕДНАТА Е МОЈАТА 

Кaко Леонида се  заљуби во ракометот и која е приказната со тоа што го носиш дресот со број „88“ и во клубовите во кои настапуваш и во репрезентацијата? 

Свети Николе има голема ракометна традиција. Овче Поле има играно и во југословенските лиги. Татко ми има тренирано порано. Јас со него одев на тренинзи и поради него го засакав ракометот. Тие големи мажи тренираат, јас мало девојче трчам со нив. Со татко ми одев на натпревари уште од најрана возраст и така се заљубив во ракометот. Нема човек во Свети Николе што не знае ракомет. И ако си се одлучил за спорт, особено за ракомет сите имаат очекувања за тебе дека треба да направиш најмалку кариера како Кирил Лазаров. Поради татко ми и избрав да носам дрес со број „88“. Едната осмица е таа на татко ми што ја носеше додека играше, а втората е мојата.

ИМАМЕ ГЕНЕРАЦИЈА МЛАДИ РАКОМЕТАРКИ КОИ МОЖАТ ДА ЈА ВРАТАТ СЛАВАТА НА ЖЕНСКИОТ РАКОМЕТ ВО МАКЕДОНИЈА 

Во 2022 година Македонија ќе биде домаќин на Европското првенство. Кои се твоите очекувања и дали притисокот е поголем што ќе играте пред македонската публика? 

Мислам дека нашата генерација полека, но сигурно го враќа вниманието на македонската јавност кон женскиот ракомет. Мислам дека младите што сме во репрезентација покажавме дека имаме квалитет и дека можеме да играме против секого. Се гледа дека во оваа генерација ракометарки има потенција. Важно е да играме заедно и да растеме заедно. Тоа е еден долг процес и се надевам дека ќе успееме да ја радуваме Македонија во следниот период. Сон на секој спортист е да ја претставува својата земја на едно големо натпреварување. А, уште ако си домаќин на тоа истото тогаш тоа е врвот во една кариера. Репрезентацијата е светост. Секој спортист тренира за да дојде до тој момент да ја претставува својата земја на големо натпреварување. Секоја победа на Европско или Светско првенство значи повеќе од било која освоена клупска титула. Кога играм за репрезентација давам се од себе. Без разлика дали противникот е многу подобар од тебе. Чуда се возможни во спортот и тоа многу пати се покажало. Очекувам добро да ја претставиме Македонија на ЕП и ветувам дека ќе дадеме максимум на секој меч.

Што ја исполнува Леонида и што сака да прави надвор од ракометот и во малото слободно време кое го има? 

Учам Француски јазик. Навистина многу тежок јазик, но се трудам многу и мислам дека не ми оди лошо. Требаше да почнам часови, но поради корона само онлајн. Но, сега кога ќе се вратам во Франција ќе почнам и со одење на часови физички. Ми беше навистина тешко бидејќи немав никаква основа. Во училиште покрај англиски учев италијански и руски и немав никакво општо познавање на јазикот. Најтешко нешто е изговорот и навистина ќе биде интересно, но се надевам дека откако ќе се вратам во Франција ќе го усовршам. Исто така покрај тоа што сум насочена кон учење на францускиот јазик, сакам да гледам и серии. Особено кога сум во Франција слободното време најмногу го користам за серии.

Се вчитува...