ЕКИПА ИНТЕРВЈУ – САРА МИНОВСКА: Класниот ме натера да почнам со ракомет… Савевски е „искрата“ која ни беше потребна

Отворено со најдобрите македонски спортисти. Оние кои секојдневно ги красат спортските страници, но и со оние подзаборавените. Нивните успеси, размислувања, желби и очекувања пред идните спортски предизвици – секој вторник на ЕКИПА.МК.

========================================================================================================================== 

Една од најдобрите млади македонски ракометарки, Сара Миновска отворено за ЕКИПА.МК говореше за нејзината досегашна кариера, но и очекувањата за иднината. Таа летово беше избрана во идеалниот тим на ЕХФ шампионатот до 19 години кој се одржуваше во Скопје. 

Миновска одигра одлично на натпреварот против Црна Гора пред две седмици во кој со шест гола беше една од нашите најдобри ракометарки. Таа говореше за новата генерација ракометарки предводена од Љубомир Савевски, но и за соработката со легендите на мак-ракометот Ристова (Пецевска), Кастратовиќ, Нацева, Платон, Папуџиева во ЖРК Вардар. 

Вели дека дури на 13 години почнала со ракомет и тоа по убедување на нејзиниот класен раководител, а потоа за само три месеци стигнала и до ЖРК Вардар. 

==========================================================================================================================

Одигравте два добри натпревари против Црна Гора во ЕХФ ЕВРО купот. Колку си задоволна од целиот настап, но и работата со новиот селектор Љубомир Савевски? 

Искрено сум презадоволна од селекторот Савевски. Се гледа дека има многу големо искуство и многу го разбира ракометот. Многу ми се допаѓа како пристапува со нас и колку учиме од него. Сепак, сме нова екипа, бара нешто сосема ново од претходното што сме го работеле и многу е тешко за толку краток период да се поклопиме. Имавме само три тренинга со постарите и беше многу мал период за да се уиграме. Сепак, селекторот знае и за краток период успеа да не воигра и нешто што се виде на вториот меч. Тешко е за тешко, бидејќи се е ново и мислам дека како поминува времето ќе бидеме се подобри.

ИМАВ ТРЕМА ПРЕД ДУЕЛОТ СО РАДИЧЕВИЌ, НО ИМАВ САМО ЕДНА ЦЕЛ ДА ОДИГРАМ НАЈДОБРО ШТО МОЖАМ!

На мечот во Црна Гора беше една од најдобрите во нашиот тим со шест гола. Играше против Јованка Радичевиќ која е една од најдобрите на вашата позиција во последната деценија. Како се чувствуваше на тој натпревар? 

Навистина беше голем предизвик за мене. Радичевиќ сум ја следела само на инстаграм. Не замислував дека ќе играм против неа и ќе ја чувам. Голем предизвик за мене да дадам гол преку нејзе, да успеам да ја затворам. Малку трема имав на почетокот, но не гледав ништо освен да изиграм добро иако она беше на мојата позиција. Задоволна сум од себе. Секогаш може да биде подобро, но како за сениорска репрезентација и со мои години и стаж кој го имам сметам дека изиграв добро.

Може ли вашата генерација да го врати континуитетот на големите натпреварувања?  

Мислам дека нашата генерација може да го врати сјајот на женската репрезентација. Треба многу работа. Многу малку спортисти има кои вложуваат во себе, а спортот бара многу голема жртва. Денеска повеќе се позаинтересирани за животот надвор отколку за спортот. Мислам дека доаѓаат нашите генерации кои навистина сакаат да работат да има добри успеси. Пак ќе го споменам селекторот кој бара многу работа од нас трчање силни тренинзи, нешто што многу малку се работи за жал во нашите клубови. Мислам дека може тој да внесе нова хармонија што ќе ни даде сила за да блеснеме во следниот период.

СЕЛЕКТОРОТ ВЕРУВАШЕ ВО МЕНЕ, А ЈАС МУ ВРАТИВ СО ТОА ШТО БЕВ ИЗБРАНА ВО ИДЕАЛНИОТ ТИМ!

Беше избрана во идеалниот тим на ЕХФ шампионатот до 19 години кој се играше во Македонија летово. Колку си задоволна од целото првенство? 

Дефинитивно нивото на другите држави е на повисоко ниво од нашето. Од подготвеност тактика и се останато. Тоа се познава и се гледа. Задоволна сум од мојата игра на шампионатот, но најмногу од селекторот кој дојде со отворени карти кај мене. Тој веруваше во мене, а кога некој верува во тебе ти едноставно веруваш во себе. Јас само се препуштив во играта и едноставно уживав додека играв. Кога дознав дека ние ќе бидеме домаќини сакав да направам нешто со што ќе го одбележам шампонатот. Криво ми е бидејќи имавме шанси, а на крајот завршивме како шести, но тоа што бев во тимот на шампионатот искрено ми дава голем мотив да продолжам понатаму и зошто еден ден да не бидам во најдобриот тим и во Лигата на шампионите.

СРЕЌНИ СМЕ ВО ВАРДАР ШТО РАБОТИМЕ СО РИСТОВА (ПЕЦЕВСКА), КАСТРАТОВИЌ, НАЦЕВА, ПАПУЏИЕВА, ПЛАТОН!

Дел си од ЖРК Вардар каде работиш со буквално најдобрите ракометарки во историјата на Македонија, Ристова (Пецевска) ви е тренер, а тука се и Кастратовиќ, Нацева, Папуџиева и Платон. Колку значи сево ова за тебе? 

За Пецевска имам многу слушано и гледано видеа и можам да кажам дека била крило со најдобра техника во нејзиното време. Многу сакам сето тоа што таа го правела јас да го примам и да бидам барем дел од неа. Ме исполнува кога гледам какви шутеви има како размислува, буквално едно елегатно крило. Да се работи со таков тренер е голема предност особено за мојата позиција, бидејќи се што ми треба таа ме гледа и знае да ме корегира и да ме подучи. Можам да кажам дека и таа е многу заслужна за признанието што го добив на ЕХФ шампионатот во Скопје. Цело време ми говори дека морам да бидам поопуштена и имам слобода да пробувам различни техники на шут. Во ЖРК Вардар имаме среќа што работиме со најдобрите македонски ракометарки во историјата. Покрај Пецевска која ни е тренер, тука се и Кастратовиќ, Нацева, Папуџиева, а од скоро и Платон работи со нас. Ниту една од нив не е себична и максимално ни ги откриваат сите ракометни тајни кои ги знаат. Секогаш разговараат со нас и тука се за било каква поддршка. Годинава ни се придружи и Борис Данески кој ни е кондициски тренер и многу придонесува за нашите добри резултати. Пресреќна сум што можам да соработувам со ваков стручен тим бидејќи во секој поглед можеш да црпиш искуство, а со самото тоа тебе ти се зголемува самодовербата. 

Кои се целите на ЖРК Вардар сезонава? 

Претходната сезона ни беше цел во Европа, па кога успеавме во тоа зошто сезонава да не бидеме и прваци во Македонија. Дефинитивно грабиме кон таа цел и да го освоиме шампионатот. Тимот има големи амбиции и цели, а ние како играчи секогаш гледаме да го исполниме тоа. Во ЕХФ куп иако не одигравме на големо ниво го добивме првиот натпревар против Приштина со 35-39. Верувам дека дома ќе одиграме подобро и ќе се пласираме во второто коло. Не знам каков противник ќе имаме во следното коло, но играме подолго време, добро сме воиграни, па се надевам и верувам дека имаме шанси да го помине и второто коло.

Како Сара се одлучи за ракомет? 

Интересно е како почнав со ракометот. На некои мои 13 години тренирав кошаркар, но набрзо сфатив дека не сум доволно талентирана за тоа. Класниот раководител ме натера да се запишам на ракомет и по само три месеци тренирање бев избрана да бидам дел од ЖРК Вардар. Навистина не можев да верувам и кога преминав во Вардар сите се чудеа како е можно за само три месеци толку да имам напредок и да успеам да изборам и место во тимот. Буквално се имам играно како мала од фудбал, па се до ракомет подоцна. Одев и на играорна, а мал период бев и на брејкденс.

КАМИЛА ХЕРЕМ, ТИМУР ДИБИРОВ И ЛУК АБАЛО СЕ МОИТЕ ИДОЛИ!

Кои се твоите ракометни идоли? 

Идол ми е од жените Камила Херем. Ме исполнува како пред се гледа на себе и како работи на се, а потоа и како се вложува во ракометот. Од мажите дефинитивно Тимур Дибиров и Лук Абало исто така го сакам иако игра на десно крило. Сепак, неговата игра и движењата кои ги има многу ми се допаѓаат. Тимур Дибиров и стилот на неговата игра се неверојатни. Неговото однесување и на тренинзите бидејќи можам да го гледам можам да го споредам со Драгана Пецевска тоа што го правеше во свое време. Кога се работи за тим би сакала да бидам дел од екипа која ќе игра Лига на шампиони и ќе цели кон титулата во натпреварувањето. Секогаш сакам да имам поголеми предизвици и затоа и така размислувам.

ОБОЖАВАМ ДА ПЛАНИНРАМ, ВОЗАМ ВЕЛОСИПЕД И ДА СКИЈАМ…

Што сака да прави Сара во слобдно време? 

Во слободното време работам на својата подготвеност. На брзината, експлозивноста. Кога сум слободна исто така многу спортувам. Сакам да планинарам, да возам велосипед, да скијам. Многу често можете да ме најдете на Водно. Мојот личен тринер Александар Србиновски многу ми помага физички да бидам во топ форма, а работам и со Кајчевски и Гошевски на мојата физичка подготвеност и дел сум и од државните првенства во атлетика. Трчам на 100 метри, штафета, а се натпреварувам и во скок во далечина. Едноставно спортот е мојот живот, не ме држи место и премногу сум хиперактивна.

Се вчитува...