ЕКИПА ИНТЕРВЈУ – ВЕРОНИКА КОСТОВСКА: Признанието за најдобра спортистка на Македонија мотивација за нови успеси

Отворено со најдобрите македонски спортисти. Оние кои секојдневно ги красат спортските страници, но и со оние подзаборавените. Нивните успеси, размислувања, желби и очекувања пред идните спортски предизвици – секој вторник на ЕКИПА.МК.

====================================================================================== 

Најдобрата спортистка на Македонија за 2020 година, каратистката Вероника Костовска отворено во интервју за ЕКИПА.МК говори за убавите моменти во нејзината кариера и очекувањата од новата сезона. 

Се навраќа и на минатото и на сите проблеми со кои се соочува една спортистка во Македонија. Од освојувањето на златен медал на кадетското Европско првенство, преку промената на клубот, па се до освојувањето на  наградата спортистка на годината, со која ги обедини двете најголеми признанија во нашата земја.

Самата за себе вели дека е голем борец, кој не сака кога има многу притисок. Верува во тоа дека многу работа, добро опкружување и поддршка од најблиските е добитната формула за големи успеси.

====================================================================================== 

Избрана си за спортистка на Македонија за 2020 година. Покрај ова признание во 2015 го освои и тоа за најдобра млада спортитска. Какво е чувството да ги имаш обединето и двете награди и дали за тебе тоа претставува дополнителен мотив или притисок?

Сатисфакција и мотив е тоа што ги имам освоено и двете награди, и најдобра млада спортистка на Македонија и најдобра спортистка на Македонија. Искрено по првата награда не очекував дека вака брзо ќе ја освојам и поважната награда. Многу ми значи и мотивација плус е сево ова за мене. И за работа и на тренинзи се поставувам со уште поголема желба. Навистина да си спортист на држава е многу вредна награда, и многу ми значи. Не ми прави некој голем притисок. Во моментов имам променета средина и не чувствувам притисок. Луѓето што се во моето опкружување не ми наметнуваат императив за успех, туку само напорната работа ни е на прво место.

Изминатата година беше турбулентна година за сите. Колку како спортист кој на неверојатен начин ја стартуваше годината и во два месеци направи успех за освојување на ова признание, ти беше тешка целата ситуација со коронавирусот. Како го исполнуваше времето поминато во карантин, но и какво беше чувството кога конечно се вративте на тренинзи? 

За мене 2020 година добро почна со план и тренинзи, но короната едноставно ни ја уништи целата сезона. Мојот успех во Салцбург беше последното нешто што го направив на карате план во 2020. Само што заврши турнирот, цела Европа, цел свет се затвори и веќе за жал немаше натпреварувања. Тој период од годината верувам дека на секој спортист му беше најтешкиот во кариерата. Вежбавме само по дома, со тренерите се слушаш по телефон, на зум, немаш никаква средба, контакт со луѓе, со други спортисти. Беше навистина тежок период. Едноставно загубивме кондиција, навика спортска. По седум месеци првиот пат кога се вративме во сала, јас лично се чувствував како да не знам да одам. Ти мислиш дека се е во ред, но да дојде некој од страна да те гледа, сигурно би помислил дека овие луѓе во живот не тренирале карате.

Колку на психолошки план беше тешка целата ситуација со коронавирусот? Како денеска се справуваш со целата ситуација со коронавирусот, бидејќи речиси цела година немате никакви натпреварувања? 

Среќа сум млада и имам и други обврски освен каратето. Некои спортисти размислуваа тој период да се откажат. Беше тешко и на финансиски план. Година дена е поминато, се уште не е ништо завршено. На почетокот беше ајде ќе дојде лето ќе помине, имаш некоја надеж, но како одминува времето за поискусните каратисти е многу потешко. Немавме натпреварување речиси цела година и навистина покрај тоа што физички е многу тешко и психолошки многу не уништува.

Во 2015 година го освои признанието за најдобра млада спортистка на Македонија. Како денеска гледаш на тој успех кој веројатно значел многу за твојата кариера? 

Таа година освоив злато на Европско кадетско првенство. Едноставно по успехот на тој шампионат не бев свесна за тоа што го направив. Да се вратам на поразличен начин би го сфатила тоа. Не го вреднував тој успех. Шест години од тој медал, кога и да отидам на некој меѓунареден камп каде што се собрани најдобрите од светот, мене ме најавуваат како поранешна кадетска европска шампионка. Баш во тоа финале ја победив една од најдобрите каратистки на денешницата Филип Гвидолин која доаѓа од Франција. Татко ми често знае и ден-денеска да ми каже, нејзиниот тренер да знае во какви услови се тренира во Македонија ќе ја отпишат од карате. Сакам да кажам дека за жал голема е разликата во условите кои што ги имаат каратистите од големите земји и ние тука во Македонија и навистина е неверојатен нашиот менталитет, бидејќи и покрај се ние сме конкурентни со нив.

Kако и секој спортист така и ти имаше и тешки моменти во кариерата. Какво е чувството кога во еден момент во животот мораш да пресечеш и да го промениш клубот во кој си ја почнала кариерата и едноставно од дете си дел од него? 

Кога ќе го промениш клубот во кој си тренирала од дете е навистина тешко. Во прашање се емоции, сентименталност, но во еден момент во животот мора да пресечеш и да продолжиш понатаму. Со едниот тренер од тој клуб веќе не сме во контакт. Со другиот тренер сум во коректни односи како и со сите останати членови во клубот. Полна бев со емоции кога заминував, поврзаноста со клубот и со сите таму, но ќе повторам ако сакаш да успееш мораш да размислуваш со ладна глава. Во тие тешки моменти за мене, бидејќи на сите спортисти премин од еден во друг клуб им паѓа тешко. Колку и да им се заблагодарувам на моите нови тренери Александар Кузмановски и Кристијан Младеновски ќе биде малку. Бидејќи тоа што го направија за мене во тој период од премин во КК Кеикс во КК Олимпик е нешто што ќе го паметам цел живот. Навистина сум среќна што тренирам со неверојатни двајца луѓе како Александар и Кристијан, бидејќи и кога немаш желба и кога ти е се народно кажано преку глава, тие може да те мотивираат да продолжиш и да се бориш до самиот крај.

Олимпик спорт е еден од најдобрите карате клубови последниве години во Македонија. Како беше примена од тренерите во клубот, но и од новите клупскио колеги и колку имаш поддршка од сите нив во кариерата? 

Навистина во новиот клуб се чувствувам како препородена. Огромна разлика во пристапот на тренирите во Олимпик спорт и на сите кои што се во мое присуство. Од кога сум во овој тим во ниту еден момент не почувствував притисок или нервоза. На критериумското натпреварување за Светско првенство во Умаг, Хрватска јас туку што добив исписница од мојот поранешен клуб. До последен момент не се знаеше дали ќе добијам исписница и дали ќе можам да настапам, сите дома имаа притисок и моите тренери Александар и Кристијан исто така чувствувале притисок. Јас сум човек кој не сака многу притисок туку се да биде со разбирање и на добар начин и така можам да направам многу поголем успех. Покрај од тренерите голема поддршка имам и од моите клупски колеги. Пред се морам да ја споменам Јована Георгиева која е освојувачка на медал на Европско првенство, а исто така беше и најдобра спортистка на Македонија. Често разговарам со неа и секогаш е тука да ме советува и да ми помогне околу се.

За крај кои се целите во оваа 2021 година и дали сонуваш можеби и за Олимписка норма и да ја претставуваш Македонија на најголемата спортска смотра во светот?

Прва цел ми е државното првенство за да обезбедам норма за Европското првенство. Подготовките во Украина многу ми помогнаа бидејќи трениравме со најдобрите каратистки во светото.Сон на секој спортист е да се најде на Летните олимписки игри. Во каратето е навистина многу тешко да се квалификуваш на игрите. Конкуренцијата е уште поголема бидејќи за разлика од Европските и Светските првенства на игрите во Токио се спојуваат две тежински категории. Јас ќе продолжам со мојата напорна работа и ќе дадам максимум како би можела да ја претставувам Македонија на најголемиот спортски собир во светот.

Се вчитува...