ЕКИПА избор на најдобрите во Првата лига за месец октомври (ФОТО)

Месец октомври го одбележа почетокот на сезоната 2021/22 во македонската прволигашка кошарка. Во него беа одиграни пет кола по кои добивме некои назнаки за тоа како ќе се одвиваат работите во периодот кој следи. А, со цел промоција на нашето првенство ЕКИПА направи и избор на најдобрата петорка, најдобриот млад играч и најдобриот тренер на месецот.

Во иделаната петорка на месецот место има за плејмејкерот на Пелситер, Бобан Стајиќ кој беше еден од најзаслужните за перфекцијата на „зелено-белите“ во октомври. На пет одиграни натпревари Македонецот бележи просек од 14.6 поени, 6.2 асистенции и 3.4 скока при што беше лидер на тимот во победите над шампионот МЗТ Скопје и вицешампионот Еуро Никел.

Разигрувачот на Гостивар, Ијасу Ворку во првиот месец со гостиварци блеска на паркетот со своите „ол-ароунд“ натпревари. Американецот во просек бележи 18.4 поени, 6.8 асистенции и 5.4 скока со кои е најдобриот поентер и втор најдобар скокач на „сино-белите“ во учинокот од четири победи и еден пораз.

Капитенот на МЗТ Скопје, Дамјан Стојановски во месец октомври игра како во своите најдобри години. 33-годишникот на пет одиграни натпревари бележи 13.6 поени, 4.0 скока и 2.6 асистенции со 60 отстотна реализација од поле и 40 отстотна реализација за три поени. На неговите крилја „штрковите“ се во серија од четири победи едно по друго.

Американецот од редовите на ТФТ, Ландриус Хортон во месец октомври беше лидер на „црно-белите“ со просек од 21.6 поени и 64 отстотна реализација на кои дополнува и  8.4 скока. Хортон е вториот најдобар стрелец на првенството и петтиот најдобар скокач и воедно еден од најзаслужните за четирите победи на тимот.

Во идеалната петорка на месецот се најде и центарот на Кожув, Кирил Николовски. Поранешниот репрезентативец е лидер на „црвено-белите“ со 20.6 поени и 8.0 скока по натпревар, а бележи и 55 отстотна реализација зад линијата 6,75.

Изборот за најдобар млад играч на месецот му припадна на 18-годишниот Амар Хот од Феникс 2010. Крилниот центар блесна на паркетот и е речиси незапирлив во скок играта каде бележи просек од 7.4 скока од кои 4.0 во нападот. Притоа дополнува и просек од 11.2 поени со 77 отстотна реализација од поле.

Најдобриот тренер за месец октомври е Марјан Илиевски. Под водство на 45-годишникот Пелистер не знае за пораз, а притоа беа остварени победи и над минатогодишните финалисти МЗТ Скопје и Еуро Никел.

 

Се вчитува...