Екипа Топ 5: Идеална петорка на 12. коло во Првата лига

Во насока на засилена промоција на кошаркарската игра на домашната сцена, ЕКИПА со избор на најдобрите од секоја рунда натпревари од Првата македонска кошаркарска лига. Јасно е дека пандемијата на коронавирусот сериозно ќе влијае на навремено одигрување, без никакво одложување, на сите натпревари од актуелно коло, поради што во изборот влегуваат натпреварите кои единствено се одиграле согласно протоколите за заштита од Ковид-19.

Во дванаесеттото коло од Првата лига беа одиграни пет средби по кои на победи се радуваа Еуро Никел кој го совлада МЗТ2, Вардар стигна до втората победа во сезоната против Црн Дрим, ТФТ ја продолжи серијата на победи на гостувањето против Куманово, Гостивар му се реваншираше на составот на Академија ФМП, додека Пелистер им се врати на победите со нов убедлив триумф, овој пат над Кожув.

Петорката на колото ни доаѓа од пет различни тима, а во неа се плејмејкерот на Пелистер, Бобан Стајиќ кој во победата на својот тим забележа 23 поени, 7 асистенции и 2 украдени топки, бекот на Вардар, Виктор Ташковски кој го предводеше скопскиот состав во Струга запиша 25 поени со само еден промашен шут од поле (11/12), како и Јане Петровски кој со дабл-дабл учинок од 22 поени и 11 асистенции го предводеше Еуро Никел.

Место во петте најдобри имаше и за Американците на ТФТ и Гостивар, Амир Смит и Џалон Фрајдеј. Центарот на тимот од Тафталиџе на гостувањето кај Куманово беше еден од предводниците на „црно-белите“ со 16 поени, 13 скока и 4 блокови, додека високиот играч на „сино-белите“ забележа дабл-дабл од 29 поени и 10 скока.

Се вчитува...