Екипа Топ 5: Идеална петорка на 13. коло во Првата лига

Во насока на засилена промоција на кошаркарската игра на домашната сцена, ЕКИПА со избор на најдобрите од секоја рунда натпревари од Првата македонска кошаркарска лига. Јасно е дека пандемијата на коронавирусот сериозно ќе влијае на навремено одигрување, без никакво одложување, на сите натпревари од актуелно коло, поради што во изборот влегуваат натпреварите кои единствено се одиграле согласно протоколите за заштита од Ковид-19.

Во 13. коло од Првата лига беа одиграни пет натпревари по кои на победи се радуваа Куманово кој го доби неизвесниот натпревар во Аеродром против МЗТ 2, Пелистер кој славеше против Вардар на гостувањето во Скопје, ТФТ кој го доби дуелот на новалиите против Црн Дрим, Еуро Никел кој во Кисела Вода славеше по дополнителни пет минути против Академија ФМП и МЗТ Скопје кој славеше на гостувањето против Кожув.

Во идеалната петорка на колото се најде Дарко Соколов кој оваа сезона потсетува на најдобрите години и повторно го предводеше својот тим до победа, овој пат со 25 поени, 7 скока и 6 асистенции. Соколов мина на теренот дури 43 минути, постигнувајќи двоцифрен број на поени во дополнителните пет минути, со што беше најзаслужемн за триумфот на Еуро Никел во Кисела Вода.

Од редовите на кавадарчани место меѓу најдобрите пет има и за новото засилување Роберт Рикиќ кој во дебито за Еуро Никел забележа дабл-дабл учинок од 21 поен и 12 скока, на кој додаде и 3 блокови. Покрај нив од натпреварот во Кисела Вода тука е и бекот на Академија ФМП, Стефан Крстајиќ кој забележа 34 поени и 5 скока.

Место во најдобрата петорка имаше и за Бојан Трајковски, кој во победата на Пелистер над Вардар ги предводеше „зелено-белите“ со 24 поени, 10 скока и 3 асистенции, како и Феми Олуџоби од МЗТ Скопје, кој забележа дабл-дабл од 25 поени и 10 скока во триумфот над Кожув.

Се вчитува...