Емотивна исповед на мајката на Дражен Петровиќ: Во Ѓоковиќ го гледам мојот Дражен…, Дивац солзи ронеше гушкајќи не мене и сопругот

Мајката на легендарниот Дражен Петровиќ, Бисерка во серијалот „Мајки на шампиони“ емотивно се потсетува на детството на Дражен и сите моменти минати со него, раскажувајќи и за тагата која ја носи секој ден по неговата смрт.

„Уште од првите негови години на животот знаев дека е посебен. Не зборуваше многу, но секогаш беше во размислувањата понапред од врсниците. За него се грижеше неговиот постар брат Александар, кој едноставно го обожаваше“ – вели Бисерка.

А, односот меѓу браќата и во подоцнежните години бил преполн љубов…

„Кога беше помал одеше секој ден со Александар на тренинг, му ги носеше торбите. Секогаш сакаше да биде со него. А потоа кога почна и самиот да тренира, тоа беше навистина огромна радост. Пред да оди на училиште секогаш и сам одеше на тренинг. Но, никогаш не доцнеше и на училиште. Луѓето во Шибеник видоа дека е посебен и дека сака да направи нешто кое дотогаш никому не му успеало од тој град“.

Бисерка се потсетува и на оној трагичен ден кога во 1993 година загина во сообраќајна несреќа во Германија на свои 28 години.

„Кога телефонски ми кажаа дека Дражен загинал веднаш сакав да се самоубијам. Ја спуштив слушалката и тргнав кон терасата, но сопругот кој во тој момент спиеше го слушнал мојот крик и буквално ме спаси. Буквално ми го спаси животот“ – вели Бисерка и дополнува:

„Дражен, ако од некаде ме гледа, би сакал да е среќен. Сакам само неговото дело да биде запишано. Кошарката е мојот живот, спортот е мојот живот. Јас сите спортисти ги доживувам како да се мои деца. Мора да кажам дека Новак Ѓоковиќ навистина ми е при срце затоа што се однесува така величенствено, го сакаат луѓето, бевме гости на неговите родители кога се играше Фајнл-фор во Белград. Од тогаш постојано се слушаме. Вистинско спортско семејство“.

Вечна е и темата на односот меѓу Дражен и Владе Дивац кој беа неразделни пред заминувањето во НБА, а потоа политиката и војната ги раздели.

„Го прашав Дражен на таа тема, но не сакаше многу да зборува. Ми рече остави го тоа за некои други времиња. Се случи некое мало недоразбирање, но сигурно тие тоа ќе го решеа лесно Дражен да не загинеше во сообраќајна несреќа. Кога Јуре Здовц имаше збогување од кошарката во Љубљана, сопругот и јас бевме повикани и отидовме. Од другата страна на салата кон нас доаѓа Дивац. Толку силно не прегрна и мене и мојот сопруг, но не можеше ништо да зборува. Еве и сега се ежам кога ќе помислам на солзите во очите на Дивац. Толку имаше чувства во неговата душа а ништо не зборуваше, тоа ме купи за сите времиња“ – се потсетува мајката на Дражен.

На прашањето дали некогаш размислувала како би бил Дражен да е денес жив, Бисерка ќе рече:

„Мислам дека на овие простори беше најголемиот хуманитарец. И сигурно и денес ќе беше таков. Тоа му беше целта. Парите никогаш не го интересирале, само да ги направи луѓето среќни. Се сеќавам колку често носеше дома негови пријатели, познаници затоа што биле гладни. Ги носеше на ручек и беше пресреќен кога ќе видеше нив среќни. Народот него го стави на пиедестал затоа што тој така се однесуваше. Тоа е најголемата награда за неговиот живот. Љубовта од народот мора да ја заслужите“ – вели Бисерка.

 

Се вчитува...