Емотивно писмо од Хамшик: Благодарам Наполи, за безусловната љубов сите овие години

Веќе нема никакви дилеми, Марек Хамшик си заминува од Наполи и својата кариера ќе ја продолжи во дресот на Далија. „Наполитанците“ привремено го блокираа трансферот поради промената на начинот на исплата што го планираше кинескиот клуб, но сега тој проблем е решен и Хамшик ќе отпатува на Далечниот исток за да ја продолжи кариерата.

Словачкиот ас мина 11 години во дресот на Наполи и урна бројни рекорди на овој калчолигаш, за денеска со емотивно писмо да се збогува од „наполитанците“.

„Засекогаш ќе го сакам овој град. Сакам да ви се извинам бидејќи ова не е крајот што го посакував, со долг последен круг околу теренот и аплауз каков што секогаш добивав од вас. Благодарам за безусловната љубов што ми ја дававте, и во добрите, но и во тешките моменти, засекогаш ќе бидам благодарен поради тоа. Го истетовирав Наполи на мојата кожа, исто како и првиот трофеј во Копа Италија по 25 години пауза. Невозможно е да се заборави тој меч, како и да се заборави моментот кога го урнав рекордот на Брусколоти, или рекордот за број на голови на нашиот Господ, на Диего Марадона. Горд сум на сето тоа, како и на фактот дека трите деца ми се родија овде, наполитанци во секој поглед. Голема благодарност до сите, им посакувам среќа на моите соиграчи, со надеж дека ќе го освојат пехарот во Лигата на Европа“ – напиша Хамшик.

Словачкиот ас одигра 520 официјални натпревари за Наполи, постигнувајќи 121 гол, надополнет со 111 асистенции.

Се вчитува...