ЕП пливање: Рилов со нов европски рекорд, Сјостром, Пити и Романчук ги продолжија успешните серии

Суперталентираниот 21-годишен руски пливач, Евгениј Рилов, постави нов европски рекорд на 200 метри грбно на шампионатот во Глазгов. Новото најдобро континентално време сега е 1.53.36 минути. И претходниот рекорд му припаѓаше на Рилов кој е е светски шампион во оваа дисциплина. За него ова е трет медал од ова првенство.

И шведската пливачка, Сара Сјостром, дојде до третиот златен медал на Европското првенство во Глазгов откако денеска триумфираше на трката на 100 метри слободно. Претходно Сјостром ги освои и титулите на 50 метри слободно и на 100 метри пеперутка. Сребрена во оваа дисциплина стана Холанѓанката Фемке Хемскерк, а бронзена беше француската пливачка, Шарлот Боне.

И Британецот Адам Пити веќе има три злата. Тој денеска дојде до трофејот на 50 метри градно и ја збогати колекцијата медали која ја почна со титулата на 100 метри градно до која дојде поставувајќи светски рекорд, а потоа со британската мешана штафета славеше на 4 x 100 метри мешано.

Одлично првенство има и младиот Украинец, Михајло Романчук кој го запиша вториот златен, а вкупно третиот медал. Тој денеска беше најдобар на 800 метри слободно.

До првото злато на овој шампионат дојде и Унгарката Катинка Хошу триумфирајќи на 200 метри мешано. Зад неа останаа Италијанката Иларија Кусинато со среброто и Швајцарката Марија Уголкова со бронзата.

Се вчитува...