Ердал Ракип од Малме добива повик за септемвриските квалификации!

Фудбалерот од средниот ред на шведскиот шампион Малме, Ердал Ракип, како што дознава ЕКИПА, добива повик за септемвриските квалификации за пласман на СП 2022, први под водство на новиот македонски селектор Боби Милевски, доколку навреме по комплетирање на неопходната документација се добие право на настап за Македонија.

Во ситуација во која најпроблематично е склопувањето на коцките во средниот ред, 25-годишниот Ракип, кој е со македонско потекло, треба да биде директната замена за Аријан Адеми кој се поизвесно нема да може да помогне за трите квалификациски натпревари во септември. Покраj повредата на Адеми, надвор од активен ритам е и Бобан Николов, кој вчера потпиша за Шериф Тираспол а два месеци е без одигран натпревар, како и Стефан Спировски кој вчера не играше за АЕК Ларнака.

Ракип кој игра како последен играч за врска, пак, е во натпреварувачка форма и стандарден во првиот тим на Малме, ако се знае дека шведскиот шампионат веќе 15 кола е во тек. Во досегашниот тек од новото првенство на Шведска има 12 натпревари како стартер и постигнато два погодоци.

Интересно, претходно Ракип ја одби Македонија за настап во младата репрезентација во 2015 година кога беше член на селекцијата до 21 година на Шведска, но потоа не доби повик во сениорската селекција на скандинавската земја. Сега е комплетно подготвен да се приклучи на македонската репрезентација, доколку по комплетирање на неопходната документација наредниве денови се добие од ФИФА правото за настап во македонскиот дрес.

Од Фудбалската федерација на Македонија веќе се во интензивна акција за добивање итно право за настап на фудбалерот на Малме. По разговорите и директно со него, лично потврдил дека веднаш е подготвен да настапува во иднина во македонскиот дрес.

„Среќен сум што добивам повик за настап во македонската репрезентација. Би сакал во иднина да се ставам на располагање на националниот тим“ – порачува Ракип од Шведска.

Ердал Ракип потекнува од фудбалската школа на шведски Малме каде настапува од 2013 до 2017 година. Потоа реализира трансфер во Бенфика, од каде во сезоната 2018 е позајмен на Кристал Палас. Од 2019 година повторно се враќа во дресот на Малме.

Јаховиќ, Миовски, Серафимов, Тодоровски… како освежувања на репрезентативниот список

И покрај тоа што не се очекуваат големи промени во репрезентативниот список во однос на оној од ЕП 2020, со исклучок на фудбалерите кои се повлекоа од националниот дрес и повредените, селекторот Боби Милевски планира освежување со младите Бојан Миовски од унгарски МТК, дефанзивецот Никола Серафимов од Залаегерсег како и десниот бек Тодор Тодороски од Раднички Ниш. Повратник во репрезентацијата ќе биде и офанзивецот Адис Јаховиќ од турски Гезтепе.

Македонската репрезентација за квалификациите во септември првиот собир ќе го има на 29. август. Првиот натпревар против Ерменија се игра на 2. септември во Скопје, потоа следи гостувањето на Исланд на 5. септември и Романија ја пречекуваме на домашен терен на 8. септември.

Се вчитува...