Естонија ја „торпедираше“ Македонија – младинците ќе се борат за петтото место на Европското првенство

Македонската младинска кошаркарска репрезентација претрпе пораз од 81-59 против Естонија во четвртфиналето од Европското првенство Б-Дивизија кое се одржува во Тбилиси, Грузија. Нашите репрезентативци кои на овој натпревар настапија без повредениот Андреј Андоновски од почетокот на мечот бркаа негатива, а овој пат не успеаја да се вратат од висок заостаток против тимот кој погоди 13 обиди за три поени и ќе разигруваат за петото место во натпреварувањето.

Естонија успеа да го наметне своето темпо на отварањето на натпреварот. Естонците одиграа добро во одбраната, го заштитија рекетот и стигнаа до лесни поени во транзиција па ја превземаа и резултатската иницијатива, а и покрај тоа што „црвено-жолтите“ на моменти беа на нивото во одбраната, не успеаја да стигнат до лесни поени во нападот па имаа негатива од 20-14 по 10. минути игра. Во продолжнието од првото полувреме запре високата реализација на Естонците, а тоа го искористија нашите кошаркари да ја намалат негативата на само еден напад (24-21). Избраниците на Василев имаа шанси и за изедначување, но не успеаја во обидите. Тоа го искорсити Естонија за влез во серија 5-0 со која ја врати резултатската контрола, а продолжи во исто темпо и до крајот на првиот дел до кој ја врати двоцифрената позитива (43-33).

Второто полувреме не донесе промени на паркетот. Естониците продолжија со добрата игра во одбрана и не дозволија лесни поени и отворени обиди на Македонија, а продолжија со високата реализација зад линијата 6,75 на спротивната страна па предноста во еден момент изнесуваше +20 (60-40). Високата предност беше задржана и по крајот на третата четвртина (64-45), а промени немаше ниту во последниот дел во кој шанса добија сите играчи во двата тима.

Марко Миловановиќ ја предводеше Македонија со 18 поени и 4 скока, Андреј Митревски додаде 10 поени, со 7 поени и 4 скока мечот го заврши Павел Данаиловски, додека 6 поени и 14 скока забележа Амар Хот.

Се вчитува...