Еторе Месина наскоро би можел да се врати во НБА-лигата по завршувањето на долготрајниот ангажман на клупата на Олимпија Милано. Како што пренесува италијанскиот весник „Република“, искусниот италијански стручњак треба да стане технички консултант на Атланта Хокс и со тоа да му се приклучи на стручниот штаб на Квин Снајдер.
За Месина ова ќе биде враќање во НБА, каде што претходно веќе работеше со Лос Анџелес Лејкерс и Сан Антонио Спарс. Особено е интересно што тој повторно ќе соработува со Снајдер. Двајцата одлично се познаваат од времето во ЦСКА Москва, каде што Снајдер своевремено му беше помошник на Месина.
Сепак, новата работа нема да бара од Месина трајно да се пресели во САД. Според најавите, тој ќе го дели своето време меѓу Атланта и Италија. Паралелно со ангажманот во Хокс, Месина треба да започне и нова кариера пред камерите, бидејќи ќе работи како телевизиски аналитичар за „Скај“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
