Еуро Никел им се врати на победите – славеше против ТФТ во „Јасмин“

Вицешампионот Еуро Никел стигна до седмата победа во Првата лига откако во последниот натпревар од 13. коло славеше на домашен терен против ТФТ со 80-74. Натпреварот го отслика изедначено темпо во поголемиот дел, а победникот беше решен во последната минута од средбата.

Еуро Никел се мачеше во реализацијата на почетокот на средбата, а тоа го искористи ТФТ да поведе со 10-17. Но, ниту постот на домаќините не траеше долго, кавадарчани заиграа поагресивно во одбраната, а преку добриот проток на топката во нападот успеаја да ја вратат неизвеноста по првата четвртина (19-19). Добриот моментум на Еуро Никел продолжи и на отварањето на втората четвртина по што избраниците на Самарџиев поведоа со 28-23, но гостите не дозволија дополнително „одлепување“. Ги консолидираа своите редови, заиграа далеку подобро на двата дела од теренот и до полувремето ја вратија предноста во свои раце (33-37).

Изедначениот натпревар продолжи и во второто полувреме во кој играта „кош за кош“ ја прекина домашниот тим со серија од 5-0 за предност од 53-48, но преку Ташовски, Николов и Смит гостите од Скопје ја сведоа истата на минимална по 30. минути игра (54-53). Неизвеноста продолжи и до самиот крај на мечот, а одлучувачкиот момент беше тројката на Џекиќ на 27 секунди пред крајот со која Еуро Никел стигна до предност од 75-68, а мирната рака од линијата за слободни фрлања им донесе нови два бода.

Томиќ беше првото име кај домаќините со 18 поени и 8 скока, додека еден помалку постигна Џекиќ. Како двоцифрен мечот го заврши и Калахан кој на 14-те поени додаде и 5 асистенции. Лидери на гостите беа Хортон и Ташовски со по 14 поени, додека 13 поени и 5 асистенции додаде Костоски.

Се вчитува...