Еуро Никел им се врати на победите – совладан МЗТ 2

Еуро Никел им се врати на победите откако на домашен терен лесно се справи со младиот состав на МЗТ 2 и забележа победа од 90-79 во 12. коло. Избраниците на Самарџиев одиграа одлично во одбраната, од самиот почеток на натпреварот го нарушија темпото на гостите од Скопје, добро трчаа во транзиција, ја наметнаа својата игра па стигнаа до петата победа во сезоната.

Двата тима се мачеа да го најдат напаѓачкиот ритам на почетокот на натпреварот. Гостите од Скопје одиграа добро под рекетот каде ги затворија високите играчи на Еуро Никел, но бековската линија на кавадарчани беше успешна во своите обиди, за разлика од младиот состав од Аеродром, кој се мачеше да стигне до рекетот, а не беше успешен во шутот од полудистанца па по 10. минути игра Еуро Никел имаше предност од 18-10. Домаќините на самиот почеток на втората четвртина стигнаа до двоцифрена предност, а благодарение на добрата одбрана, продолжија да го диктираат темпото на натпреварот. МЗТ 2 се мачеше да најде решение во нападот, лошиот проток на топката не дозволуваше отворени шута кон противничкиот кош па предноста на кавадарчани до полувремето се искачи на +18 (41-22).

Почетокот на второто полувреме не донесе промени. Високата одбрана над бековската линија на МЗТ 2 продолжи да прави проблеми во организацијата на играта на „штркчињата“, додека Еуро Никел лесно поентираше на спротивната страна, се разигра и Никола Караколев кој постигна 11 поени во третата четвртина па предноста на кавадарчани дополнително се зголеми (67-40). Последната четвртина беше само формалност во која домаќините попуштија во одбраната, а „шткчињата“ одиграа далеку подобро во нападот, постигнаа 39 поени и во еден момент стигнаа до едноцифрена негатива.

Предводник на Еуро Никел беше Јане Петровски со дабл-дабл учинок од 22 поени и 10 асистенции, на кој додаде и 5 скока, додека Данило Мијатовиќ натпреварот го заврши со 16 поени. Максим Митевски беше првото име во гостинскиот состав со 21 поен и 5 асистенции, додека него го следеше Роберт Монтгомери со дабл-дабл од 20 поени и 18 скока.

Се вчитува...