ФА Куп: Евертон капитулираше пред Лестер, „во аут“ и ВБА, Стоук и Бурнемаут

На Лестер не му оди најдобро во Премиер-лигата, но „лисиците“ во интересен натпревар успеаја да ја минат првата пречка во ФА Купот, триумфирајќи на гостински терен против Евертон со 1-2. Избраниците на Раниери покажаа карактер, па по водечкиот гол на Лукаку направија целосен пресврт. Најзаслужен за тоа беше Муса, кој два пати го матираше голманот на Евертон, јасно ставајќи му до знаење на Раниери дека заслужува поголема минутажа и на премиерлигашките дуели.

Стоук претрпе неочекуван пораз на домашен терен од тимот на Вулверхемптон (0-2). Домаќините стартуваа со максимално офанзивен тим, со Кркиќ, Афелај, Шаќири, Крауч и Арнаутовиќ меѓу првите единаесетмина, но немаа доволно цврстина во тимот, па потклекнаа со два наивно примени погодоци, дело на Коста во 29. и на Доерти во 80. минута.

Својот настап во ФА Купот го заврши и Бурнемаут, откако овој премиерлигаш загуби со 3-0 на гостувањето против Милвол. ВБА разочара со поразот на домашен терен од Дерби со 1-2, откако „овните“ двата гола ги постигнаа во второто полувреме, преку Дарен Бент и Томас Инс.

Хал во дуелот на премиерлигашите го совлада Свонси со 2-0, со погодоците на Абел Хернандез во 79. минута и на Тимон во судиското продолжение.

Се вчитува...