Фудбалскиот шампион на Македонија, Вардар ja заврши својата европска авантура летово откако вечерва по продолженија загуби на гостувањето кај Рига со 5-2 во реваншот од 2. коло од Конференциската лига на УЕФА. Исто како и во двомечот со Купс така и сега клучен беше поразот на домашен терен овојпат од Летонците со 2-3.
По мечот свое видување даде тренерот на Вардар, Кристијан Фабијани…
„Три минути не делеа од посакуваниот резултат. На терен стоевме перфектно, екипата доста беше координирана и имаше ред во играта. Тактички ги затворивме сите приоди иако игравме скоро 80 минути во регуларниот дел со играч помалку. По примениот гол веќе не можевме уште цели 30 минути со играч помалку. Меѓутоа сум презадоволен од тоа како екипата беше поставена на теренот и се бореше“, изјави Фабијани по натпреварот.
Фудбалерот на „црвено-црните“ Димитар Данев вели дека тој и неговите соиграчи дале максимум…
„Сите играчи што бевме на терен го дадовме својот максимум за Вардар и се боревме секоја минута. Имавме добар старт, потоа добивме црвен картон ама и покрај тоа тактички бевме дисциплинирани и му париравме на противникот. Потоа примивме гол на три минути до крај, а во продолженијата тешко беше да се издржи со човек помалку.“, изјави Данев.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
