Новалијата ТФТ стигна до петтата победа во сезоната откако на гостински терен во Кавадарци славеше против Еуро Никел со 79-86, во неизвесен натпревар кој беше одлучен во последната четвртина. Клучна за денешната победа на „црно-белите“ беше добрата игра во транзиција која „произведе“ 26 поени од деветнаесетте изгубени топки на домашниот состав.
Двата тима се мачеа да го најдат напаѓачкото темпо на почетокот на натпреварот. Еуро Никел преку Мијатовиќ доминираше во рекетот на гостинот, но големиот број на изгубени топки во првата четвртина беа проблем за „сино-белите“ кои ТФТ знаеше како да ги искористи. Скопскиот состав се мачеше во шутот од далечина, постигна само два од девет обиди за „три“, па по 10. минути игра на семафорот стоеше предност од 23-20 за кавадарчани. Изедначениот натпревар продолжи до крајот на првото полувреме. Еуро Никел продолжи со добрата игра во рекетот, додека добрата транзиција носеше лесни поени за „црно-белите“ на спротивната страна, па на полувремето не се промени разликата (42-39).
Резултатската неизвесност продолжи и на отварањето на второто полувреме во кое се играше „кош за кош“. ТФТ го затвори рекетот и го неутрализираше најдоброто оружје на кавадарчани, а избраниците на Смилковски продолжија и со добрата транзиција. Сепак мирната рака од линијата за слободни фрлања ги одржуваше „сино-белите“ во игра па на крајот на третата четвртина на семафорот стоеше предност за домаќините од 63-62. „Тврдиот“ натпревар траеше до 34. минута, до која во преден план беше одбраната, а на домашниот состав му пресудија осумте изгубени топки во овој период од натпреварот, кои „брзите“ играчи на ТФТ умешно ги корситеа со добрата игра во транзиција.
Предводник на кавадарчани со 18 поени и 6 скока беше Данило Мијатовиќ, додека дабл-дабл од 17 поени и 13 скока додаде Дарко Соколов. Тај Харис беше првото име кај ТФТ со 16 поени, 13 скока и 7 асистенции, додека Амир Смит натпреварот го заврши со 15 поени и 8 скока.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА