Енис Фазлагиќ го доби посакуваниот деби-повик во најдобрата македонска репрезентација за стартот на новата сезона од Лигата на нациите.
Досегашниот член на младата репрезентација на Македонија сега е дел од собирот на Благоја Милевски за четирите јунски натпревари на стартот од Ц-лигата во Лигата на нации.
„Секако задоволство е и чест да се биде дел од нашата А-репрезентација. Целата досегашна моја кариера фокусот ми беше да дојдам до овој момент и сега сум меѓу најдобрите македонски фудбалери“ – вели Фазлагиќ по денешното приклучување на селекцијата, притоа дополнувајќи:
„Мислам дека добро ќе се подготвиме и успешно ќе го завршиме овој собир иако не чека навистина напорен старт во Лигата на нациите со оглед на тоа што во овој термин во јуни играме дури четири натпревари“.
Селекторот најави ротации токму поради тоа што има четири натпревари, а сето тоа е шанса за помладите фудбалери за вистинско докажување дека го заслужуваат повикот меѓу најдобрите.
„Сигурно игрите во А-репрезентацијата се на едно повисоко ниво. Јас сум во тренажен процес и подготвен сум да го дадам максимумот да помогнам на националниот тим, и секако успешно да стартуваме во Лигата на нации. Се покажа претходно дека Македонија може да стигне до големи резултати. Од срце навивав досега за момците на секој натпревар, а сега сум тука дел од нив и верувам дека успешно ќе се вклопам во тимот“ – истакнува Фазлагиќ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА