Фазлагиќ, Томче Гроздановски и Димоски со повик во А-тимот за Лигата на нации

Согласно најавите за извесно подмладување на македонската сениорска репрезентации на стартот од новата сезона во Лигата на нации, селекторот Благоја Милевски со три нови имиња ќе ги очекува дуелите против Бугарија, Гибралтар и Грузија.

За јунскиот настап во Лигата на нации, повик во сениорската репрезентација ќе добијат и Енис Фазлагиќ од полската Висла Краков, Томче Гроздановски од словачки Злате Моравче како и дефанзивниот фудбалер од средниот ред на Академија Пандев, Бојан Димоски, кои досега беа стандардни членови на младата репрезентација на Македонија.

Како што е познато од претходно, Македонија ќе биде без услугите на искусните Аријан Адеми и Адис Јаховиќ за јунските четири натпревари на стартот од новото издание во Лигата на нации, како дополнение плус и на отсуството на Тихомир Костадинов кого, како што е од претходно познато, го чека подолга пауза по операцијата на лигаментите на коленото. Адеми и Јаховиќ ќе бидат ослободени од обврските поради напорните сезони и континуитет на повреди изминатава пролет.

Македонската селекција ја очекува повеќе од напорен јунски натпреварувачки собир во исклучително незгоден период, веднаш по завршувањето на сезоната во националните шампионати. Дури четири натпревари ја очекуваат Македонија на стартот од третото издание во Лигата на нации. Овој пат во Ц-лигата, Македонија во Групата 4 најпрво ќе почне со гостувањето против Бугарија во Разград на 2. јуни, потоа на 5. јуни следи гостувањето на Гибралтар, па два домашни натпревари, најпрво на 9. јуни против Грузија а потоа на 12. јуни и против Гибралтар во Скопје.

Се вчитува...