Феникс 2010 десеткуван во битката за Суперлига

Овогодишната сензација во Првата кошаркарска лига, Феникс 2010 има шанса да ги следи стапките на ТФТ и во дебитантската сезона во „елитата“ на македонската кошарка да избори пласман во горниот дел на табелата, оваа сезона тоа би значело место во Суперлигата, но за тоа прво ќе мора да слави токму против „црно-белите“ на Боро Смилковски.

Избраниците на Денис Дервишевиќ оваа сезона докажаа дека не признаваат фаворити, славеа речиси против сите тимови од горниот дел од табелата, но за нова победа против ТФТ ќе им треба чудо со оглед на тоа што мака мачат со повреди.

Андреј Митревски и Амар Хот сеуште влечат повреди од репрезентативните дуели, а на листата на повредени се запиша и Павле Михајлоски кој се повреди во првото полувреме од натпреварот со Еуро Никел, а и покрај тоа што „стисна заби“ и ги одигра и вторите 20. минути, мали се шансите дека ќе настапи против ТФТ.

По 18 одиграни натпревари ТФТ се наоѓа на 5. место на табелата со скор од 11 победи и 7 порази, една победа повеќе од седмопласираниот Феникс 2010 (10-8) па натпреварот на „Кале“ в недела ќе биде од огромно значење за двата тима.

Новалијата славеше во првиот меч одигран во „Јане Сандански“ со 90-85 па има предност од пет поени во меѓусебните дуели, а со оглед на распоредот големо значење до крајот може да има меѓусебната кош-разлика. По Феникс, ТФТ силите ќе си ги одмери со МЗТ Скопје, Академија ФМП и Пелситер, додека новалијата го очекуваат дуели со Куманово, МЗТ Скопје и МЗТ Скопје 2.

Се вчитува...