Феникс 2010 стигна до првата гостинска победа во сезоната откако славеше во Аеродром против МЗТ Скопје 2 со 69-71 во драматичен натпревар кој беше одлучен во последните секунди, а херојот на гостите беше Двејн Морган.
Агресивната одбрана на Феникс 2010 над бековската линија на МЗТ Скопје 2 го поремети ритамот на домаќинот на почетокот на натпреварот, а на спротивната страна гостите најдоа решение во рекетот преку ‘пик’ играта па постојано го контролираа резултатот кој во еден момент гласеше 8-18. Но, ‘виолетово-жолтите’ имаа за што да жалат бидејки грешките кои ‘сино-белите’ знаеја да ги искористат дозволија враќање на резултатската неизвесност по 10. минути игра (15-20). Грешките на гостите продолжија да бидат фактор на мечот, а падот во играта на Феникс умешно го искористија ‘штркчињата’ кои успеаја да го превземат водството (23-22), а потоа со добрата зонска одбрана и да го задржат истото до крајот на првото полувреме (33-32).
Гостите успеаја да го наметнат своето темпо на отварањето на второто полувреме па преку добрата игра на двата дела од теренот стигнаа и до предност од (35-43), но не успеаја и да го задржат истиот. Изгубените топки успеа да ги искористи МЗТ Скопје 2 кој одигра и добро во играта ‘два на два’ па на момент ја врати и негативата од еден напад, но гостите ги консолидираа своите редови и ја задржаа предноста пред одлучувачките десет минути (52-55). Во неа продолжи изедначениот натпревар во кој двата тима неколку пати во менуваа водството. МЗТ Скопје во еден момент стигна до предност од четири поени (65-61), но гостите успеаја да го најдат напаѓачкиот ритам и со серија од 8-0 да го превземат водството, а кога се чинеше дека ќе приредат мирен финиш на сцена настапи Рандом кој го донесе домаќинот до изедначување (69-69) на десет секунди пред крајот. Последниот напад на мечот му припадна на Феникс 2010, а херојот на ‘виолетово-жолтите’ беше Морган кој поентираше за големо славје.
Џоунс и Морган со по 14 поени беа најефикасни кај победникот, додека кај поразените недоволни беа 25 поени на Ренсом.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА