Реал Мадрид е најактивниот клуб на фудбалскиот пазар од почетокот на летово, откако „кралевите“ го доведоа Жозе Мурињо за тренер и тргнаа во сериозен шопинг како потврда за најавите за ремонт во играчкиот кадар по двете сезони во кои шпанскиот гигант не освои ниту еден трофеј.
Конате дојде од Ливерпул како слободен играч, за Дамфрис му беа платени 20 милиони евра на Интер, додека трансферот на Кукурелја од Челси изнесуваше 55 милиони евра. И Флорентино Перез не планира да застане наскоро, а следен на листата со желби на првиот човек на Реал е Енцо Фернандез.
Аргентинскиот репрезентативец важи за борец на теренот каков што Реал нема во моментов во своите редови, самиот Енцо не ја крие желбата за преселба во најтрофејниот европски клуб, па веќе и начелно ги има договорено условите за договор со важност до 2032 година. Сега доаѓа потешкиот дел од задачата, да се најде заеднички јазик со Челси околу висината на трансферот.
Лондонскиот клуб плати над 80 милиони фунти за да го доведе Енцо од Бенфика, па јасно е дека „сините“ ќе настојуваат и да заработат на овој фудбалер, кој беше една од ретките светли точки во тимот минатата сезона. Англиските медиуми најавуваат дека Челси бара 120 милиони фунти (околу 150 милиони евра) за аргентинскиот репрезентативец, сума што „кралевите“ би можеле значително да ја намалат ако во понудата го вклучат Арда Ѓулер или Брахим Дијаз.
Се очекува преговорите да се интензивираат во наредниот период, но добро познато е дека кога Флорентино ќе тргне во офанзива по некој играч, речиси секогаш успева да го доведе на „Сантијаго Бернабеу“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
