ФФМ одлучи: Силекс во ЛШ, Шкендија, Ренова и Шкупи во Лига Европа

Силекс ќе биде македонскиот претставник во квалификациите од Лигата на шампионите во новата сезона, согласно одлуката на Управниот одбор на Фудбалската федерација на Македонија.

Кратовци во моментот на прекин на ПМФЛ се наоѓаше на втората позиција на првенствената табела веднаш зад лидерот Вардар кој поради финансиски проблеми не доби лиценца за настап во европските натпреварувања. Токму поради тоа, Силекс го презема местото на Вардар во квалификациите за ЛШ.

Во квалификациите за Лигата на Европа Македонија ќе ја претставуваат Шкендија, Ренова и Шкупи.

„Управниот одбор на Фудбалската федерација на Македонија го прифати предлогот од Комисијата за натпреварување во однос на замрзнатата табела на МФЛ од натпреварувачката сезона 2019/2020 година по одиграно 23. коло од Прва МФЛ и 17. коло од Втора МФЛ со која првопласираните екипи од Втора МФЛ – Исток и Втора МФЛ – Запад се промовирани во Прва МФЛ од натпреварувачката сезона 2020/2021 и ФК Вардар како првопласиран тим во натпреварувачката сезона 2019/2020. Иако, како првопласираната екипа, ФК Вардар доби можност да учествува во квалификациите од УЕФА Лига на Шампиони, поради недобиената лиценца за УЕФА натпреварувања, ФК Вардар нема можност да го искористи правото кое му следува како првопласирана екипа за натпреварувачка 2019/2020.  Управниот одбор на Фудбалската федерација на Македонија го прифати предлогот од Комисијата за натпреварување во однос на екипите кои обезбедуваат право за учество во УЕФА натпреварување во сезона 2020/2021. Врз основа на податоците и замрзнатата табела на Прва МФЛ во натпреварувачката сезона 2019/2020 по одиграно 23. коло, Комисијата за натпреварување предложи, а У.О. на ФФМ прифати, со право за  учество во УЕФА натпреварување во сезона 2020/2021 да се стекнат екипите на: ФК Силекс АД – Кратово – УЕФА Лига Шампиони, ФК Шкендија АД Тетово – УЕФА Лига на Европа, ФК Ренова АД Џепчиште – УЕФА Лига на  Европа, а поради прекин на Куп натпреварувањето и неможноста да се добие победник во Купот на Македонија, правото на Куп победникот за натпреварување во УЕФА Лига на Европа, согласно УЕФА правилата, се пренесува на последователното најдобро рангираната екипа во првенството која не остварила пласман за УЕФА. Комисијата за натпреварување констатираше, а У.О. на ФФМ го прифати предлогот дека последователно најдобро рангирана екипа во првенството по одиграно 23. коло на замрзнатата табела од Прва МФЛ е петто пласираната екипа, односно екипата на ФК Шкупи 1927 АД Скопје која се стекнува со право на настап во УЕФА Лига на Европа“ – се вели во образложението од Управниот одбор на ФФМ.

Поради пандемијата она коронавирусот УЕФА одлучи да се игра само еден натпревар во квалификациите од европските натпреварувња, освен во последната плеј-оф фаза пред влез во групите од сезоната 2020/2021.

Се вчитува...