Повратникот во македонската сениорска репрезентација е меѓу осумте кошаркари кои ФИБА ги посочи како играчи од кои се очекува да остават силен впечаток во втората рунда од претквалификациите за Евробаскет 2029.
На патот кон Евробаскетот во 2029 година, вниманието повторно е насочено кон најдобрите индивидуалци кои ќе имаат важна улога во своите национални селекции.
Во официјалниот преглед на ФИБА, меѓу осумте играчи за следење на стартот на втората рунда се најде и македонскиот репрезентативец Ненад Димитријевиќ.
Димитријевиќ се враќа во сениорскиот национален тим по пауза и ќе биде една од клучните фигури во составот на Македонија во продолжението од претквалификацискиот циклус. Нашата репрезентација во втората рунда влегува со максимален ефект од шест победи во шест натпревари во првата рунда, а во групата Ф ќе се соочи со Австрија и Кипар.

Димитријевиќ – повторно лидер на Македонија
ФИБА потсетува на извонредното издание на Димитријевиќ во квалификациите за Евробаскет 2025 против Литванија, кога постигна 43 поени, со седум погодени тројки од 15 обиди. Во пет натпревари од тој циклус, македонскиот бек имаше просек од 26,2 поени по натпревар, потврдувајќи го својот голем офанзивен потенцијал.
Токму неговата способност да преземе одговорност во нападот, да креира за себе и за соиграчите и да го контролира ритамот на играта ќе биде особено значајна за Македонија во претстојните натпревари.
Дополнителна тежина на неговото враќање му дава и фактот што македонскиот тим во втората рунда добива уште едно значајно засилување под кошевите. Како што посочува ФИБА, Мозес Рајт ќе дебитира за македонската сениорска репрезентација, со што составот добива дополнителна сила и во рекетот.
Прв предизвик – Австрија во Виена
За Димитријевиќ и Македонија првиот голем предизвик во втората рунда ќе биде дуелот со Австрија, кој ќе се одигра на 30 август во Виена, со почеток од 16:05 часот.
Станува збор за натпревар кој може да има големо значење во борбата за првите позиции во групата. Австријците имаат квалитетен состав и домашен терен, па македонската селекција ја очекува сериозен тест веднаш на стартот на втората претквалификацвиска фаза.
По успешната прва рунда, во која Македонија оствари перфектен скор од 6-0, враќањето на Димитријевиќ во националниот тим доаѓа во вистински момент.
Неговото искуство, креативност и поентерски квалитети, заедно со новата сила во составот, треба да бидат меѓу главните адути на селекторот Хозе Мариа Берокал.
ФИБА, пак, со својата листа на осум играчи за следење уште еднаш го потврдува статусот на Димитријевиќ како еден од кошаркарите кои можат значително да влијаат врз текот на втората рунда.
Македонската репрезентација сега го очекува продолжението на патот кон Евробаскет 2029 – со Димитријевиќ повторно во националниот дрес и со јасна цел: успешен старт на вториот круг од претквлификациите.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
