ФИБА ги укина ограничувањата за руските и белоруските играчи, тренери, судии и други службени лица, откако Меѓународниот олимписки комитет (МОК) го промени својот став за нивното учество на меѓународни натпревари.
Засега, одлуката се однесува само на поединци. Руските и белоруските играчи, тренери, судии и други службени лица можат веднаш да учествуваат, односно да бидат номинирани за сите натпревари на ФИБА во кошарка и 3×3.
Сепак, националните тимови и клубовите сè уште треба да почекаат.
Во декември 2026 година, ФИБА ќе донесе одлука за евентуалното враќање на руските и белоруските национални тимови и клубови на меѓународни натпревари.
„Укинувањето на одредени ограничувања е многу важно за нас. За ова зборувам последниот месец. Преговорите навистина се водеа и сè уште се водат многу активно“, рече претседателот на Кошаркарскиот сојуз на Русија, Андреј Кириленко.
Дотогаш, тој ќе соработува со МОК и други спортски организации за прашања поврзани со безбедноста, логистиката и антидопинг програмата.
Одлуката на ФИБА дојде откако МОК ја укина суспензијата на Рускиот олимписки комитет во јули. МОК информираше дека неговите претходни препораки до меѓународните федерации за ограничување на настапот на руските спортисти повеќе не се во сила.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
