ФИФА ги менува правилата за промена на националниот дрес на фудбалерите

ФИФА следната година би можела да промени неколку правила што се однесуваат на фудбалерите кои сакаат да сменат спортско државјанство и да играат за друга репрезентација.

Според сегашните правила, фудбалер кој одигра само еден натпревар за една репрезентација потоа никогаш не е во можност да го смени спортското државјанство и да игра за друга. Единствен исклучок се секако новопримени членки во ФИФА кои имаат право да пријават фудбалери кои претходно играле за други селекции.

Но, како што сега се наведува, ова правило наскоро би можело да се промени. Во ФИФА ја разгледуваат можноста да им се олесни на фудбалерите кои претходно имале настапи за одредена селекција, но потоа на нив не се смета. Наводно, во иднина фудбалерот ќе може да ја промени репрезентацијата но со потврда од претходната дека повеќе на него нема да се смета во националниот тим.

Од ФИФА засега не сакаат официјално да коментираат на оваа тема, наведувајќи дека до крајот на актуелната година ќе има комплетна информација на оваа тема.

Како што е познато, Македонија изминатиов период сакаше да го ангажира Урош Матиќ, кој потоа доби повик за Србија, но сепак на него не се смета премногу во српската репрезентација. Македонија долго време чека и на спортско државјанство од ФИФА и за Дамјан Ѓоковиќ кое никако да го добие.

Се вчитува...