Ѓоковиќ: Ќе играм додека можам, бидејќи ја обожавам оваа прекрасна игра

Најдобриот тенисер на денешницата Јаник Синер се пласираше во ново финале на третиот гранд-слем турнир во сезоната Вимблдон, откако денеска полесно од очекуваното славеше над Новак Ѓоковиќ со максимални 3-0, по сетови 6-4, 6-4 и 6-4.

По натпреварот емотивно излагање на прес-конференцијата имаше Србинот.

„Го правам она што го сакам и затоа што се уште можам да бидам меѓу најдобрите 5 или 10 играчи. Ќе видиме што носи иднината. Минатата година стигнав до четири полуфиналиња, а оваа година до едно финале и едно полуфинале. За 99 отсто од играчите, ова се одлични резултати на гранд-слем турнирите. За мене се добри, но не и доволно добри. Имам и благослов и проклетство во таа смисла што секогаш се очекуваат врвни резултати. Се борам самиот со себе. Си велам дека е одлично што се уште можам да се натпреварувам со помладите на ова ниво, но сепак имам највисоки очекувања од себе. Тоа е внатрешна борба. Знаете какви очекувања имав во текот на 20 години, а сега морам да бидам малку поскромен во тој поглед. Се уште уживам во натпреварувањето, иако веќе не уживам во тешките недели пред големите турнири, низ таа физичка болка… Мило ми е што моето тело добро издржа на овој турнир, што не беше случај во минатото. Го сакам овој живот. Тенисот ми даде можност да станам она што сум“, рече Новак.

Се вчитува...