Диего Симеоне одреден период нема да може да смета на својот прв десен бек Киран Трипие, затоа што англискиот репрезентативец ја прекрши забраната за обложување изречена од Фудбалската асоцијација на Англија. Трипие беше казнет пред извесно време, ФИФА привремено ја суспендираше истата по што Англичанецот одигра неколку средби, но светската куќа на фудбалот по повторното прегледување на случајот само ја потврди казната на ФА.
Обвинението содржеше седум прекршоци, фудбалерот се изјасни за невиновен по сите, но сепак по четири точки од обвинението беше прогласен за виновен. Прекршувањата се случија во јули 2019 година, кога десниот бек од Тотенхем премина во Атлетико. За момент ваквата казна беше стопирана, но сега и официјално ФИФА ја потврди суспензијата на Трипие.
Англичанецот сега ќе ги пропушти наредните девет средби на Атлетико, меѓу нив и првиот осминафинален дуел од Лигата на Шампионите против Челси.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА