ФИЈАСКО: Иницијаторите за промени во МОК не собраа кворум на „Вонредното собрание“ (ФОТОГАЛЕРИЈА)

Тотално фијаско доживеа обидот за организација на Вонредно собрание на МОК на кое од т.н Иницијативен одбор најавија промена на актуелното раководство на Македонскиот олимписки комитит на чело со Даниел Димевски.

Спортските федерации и делегатите на Собранието на МОК добија покана за денешно присуство на Вонредно Собрание во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје на кое, наводно, веќе ‘имаше обезбедено мнозинство’ за смена на актуелниот претседател Даниел Димевски. Но, по повеќе од еден час чекање да се одржи Вонредното собрание на МОК, Собранието ниту започна, ниту се одржа.

На собирот можеше да се забележат директорот на Агенцијата за млади и спорт, Наумче Мојсоски, но и еден од иницијаторите за промени, Александар Маленко како се обидуваат телефонски да обезбедат кворум и присуство на повеќе делагати. Но, очигледно, не се успеа да се соберат 50%+1 од вкупно 61 делегат на Собранието на МОК.

Па, откако не добија никакво објаснување од иницијаторите за тоа што се случува, и оние делегати и присутни претставници на национални спортски федерации револтирани си заминаа од т.н „Собрание“. Притоа беше јасно дека не е обезбеден минимум кворум за одржување на еден таков собир.

„Катастрофа. Чекаме тука повеќе од еден час, а ниту еден од оние кои не повикаа не најде доблест да се појави пред нас и да најде начин да ни каже што се случува. Вакво нешто е срам за нас како имиња и за македонскиот спорт“ – беше коментарот на оние делегати присутни на собирот на иницијаторите при заминувањето од пропаднатиот собир во СЦ „Борис Трајковски“.

Редовното изборно собрание на МОК, пак, е закажано за два дена, на 8. февруари во Спортскиот центар „Јане Сандански“. Единствена кандидатура за нов мандат на чело на МОК поднесе актуелниот претседател Даниел Димевски.

Од Интернационалниот олимписки комитет (ИОК) претходно со писмо до МОК информираа дека ќе признаат само одлуки од Редовното изборно собрание на МОК кое е закажно за 8. февруари.

 

Се вчитува...