Фијаско на Баерн Минхен во Бохум

Баерн Минхен го претрпе и четвртиот овосезонски пораз во Бундес-лигата, губејќи со убедливи 4-2 на гостувањето против Бохум. Баварците беа апсолутни фаворити за трите бода, но налетаа на мотивиран противник што им даде четири гола уште во првото полувреме, трасирајќи си го патот до сензацијата.

Интересно, Баерн беше тимот што прв поведе со голот на Левандовски во деветтата минута, по што се чинеше дека баварците ќе стигнат до рутински триумф. Фуријата на домаќините почна со израмнувачкиот погодок на Антви Аџеј во 14. минута, за потоа Бохум да даде три гола во последните десет минути од полувремето. Локадија од пенал донесе водство на домашниот состав, пред Гамбоа и Холтман со евроголови од работ на шеснаесетникот да го матираат резервниот голман Улрих, кој има кошмарен настап како замена на повредениот Нојер.

Нагелсман на полувреме го повлече катастрофалниот дефанзивец Упамекано, но Баерн немаше сили да се врати. Се што успеаја да сторат гостите беше утешниот погодок на Левандовски. Полјакот нешто подоцна од слободен удар ја погоди гредата, но не можеше да стори се сам, за баварците да избегнат пораз на овој меч.

Борусија Менхенгладбах ја прекина серијата слаби игри со триумфот над Аугсбург со 3-2, додека Волфсбург како гостин славеше во Франкфурт против Ајнтрахт со 0-2, со погодоците што ги постигнаа Крузе од пенал и Лукебакио.

Резултати Бундес-лига:

Борусија М. – Аугсбург 3-2, Бохум – Баерн М. 4-2, Ајнтрахт – Волфсбург 0-2, Гројтер – Херта 2-1, Фрајбург – Мајнц 1-1.

Се вчитува...