Филаделфија тргнува по Леброн Џејмс!

Само еден ден откако ја шокираа НБА со потпишувањето на Џејлен Браун од Бостон Селтикс, Филаделфија се приклучија во трката и за Леброн Џејмс.

Челниците на Филаделфија веќе се обидуваат да го убедат најдобриот стрелец во историјата на НБА да ја продолжи својата импресивна кариера во Пенсилванија.

Покрај Филаделфија, Голден Стејт, Кливленд и Мајами се исто така заинтересирани за потписот на Леброн, и се очекува дека четирикратниот МВП нема да брза со одлуката каде ќе ја игра својата 23-та НБА сезона.

Филаделфија направи една од најголемите размени на летото досега, испраќајќи го Пол Џорџ во Бостон, додека Џејлен Браун пристигна во нивните редови.

Браун доаѓа по сезона во која имаше просек од 28,7 поени, 6,9 скока и 5,1 асистенции по натпревар, што го рангираше на шестото место во гласањето за МВП.

Заедно со Браун, Филаделфија дополнително го зајакнаа тимот со ангажирањето на Анферни Симонс, па затоа веруваат дека сега имаат доволно конкурентен тим што би можел да го привлече Леброн, кој, според американските медиуми, има приоритет да биде во средина каде што ќе биде задоволен, но и да има реални шанси да освои шампионски прстен.

Голден Стејт сè уште верува дека е меѓу главните кандидати за Џејмс, но извори блиски до клубот тврдат дека „Воините“ повеќе не се прв избор на легендарниот кошаркар.

Финансиската структура е исто така проблем, особено по доаѓањето на Кристапс Порзингис и Де’Ентони Мелтон.

Слични проблеми има и Кливленд, кој би морал да се ослободи од неколку договори за да направи простор во буџетот за враќањето на својот поранешен лидер.

Кога станува збор за Филаделфија, ситуацијата не е идеална ниту од финансиска страна.

Според сегашните правила, „76ерс“ моментално можат да му понудат на Леброн само минимум за ветеран, вреден околу 3,9 милиони долари, но се надеваат дека можноста да се натпреваруваат за титула би можела да биде поважна од големината на договорот.

Се вчитува...