Ханси Флик го преживеа фијаското на Германија на СП во Катар, но екс-тренерот на Баерн Минхен продолжува да трпи критики од јавноста откако Германците загубија со 2-3 на пријателскиот меч против Белгија. Оваа селекција во долги периоди од мечот делуваше безидејно, а почна да игра дури откако се најде во негатива од два гола, доволен повод за гласниот критичар Диди Хаман повторно да проговори против Флик.
Според поранешнито фудбалер на Ливерпул, потребна е експресна реакција од федерацијата и смена на селекторот, бидејќи ќе биде пропуштена голема шанса Германија да се бори за највисок пласман на претстојното ЕП, што ќе се одржи токму во оваа земја.
„Не можеме вака да продолжиме. Реков и по СП во Катар, не гледам како може Флик да остане селектор, кога играме катастрофално под негово водство. Ако некој верува дека имаме и најмала шанса за успех на ЕП 2024, тој човек е во сериозна заблуда. Ми пречи што се лаже себе си и останатите околу него, велејќи дека сме играле добро по 0-2. Па нормално е кога некој ќе ви поведе со 0-2 да го намали темпото и да ви дозволи повеќе да ја имате топката во посед. Германија игра конфузно, но уште се лажеме самите себе дека се е во најдобар ред. Со овој состав што го форсира Флик и со овој селектор, ништо добро не ни се пишува“, порача Хаман, во стручната анализа за „Скај ТВ“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА