Флик го објави списокот: Германија со херојот од СП 2014 патува во Катар, повикан и 17-годишен тинејџер од Дортмунд

Марио Геце, херојот на Германија од Мундијалот во 2014 година, патува на Светското првенство Катар, соопшти селекторот Ханс Флик на прес-конференција денеска. Геце го немаше на големите натпреварувања токму после тој Мундијал, откако со трансферот во Баерн Минхен не се пронајде себе си, па се обиде да си ја оживее кариерата враќајќи се во Борусија, а потоа и во ПСВ. Сега во моментов е дел од Ајнтрахт Франкфурт, и Флик го вклучи во составот за Катар.

Геце го постигна победничкиот гол за Германија во финалето против Аргентина, но од тогаш има пад во кариерата, а сега одново добива шанса. Флик во Германија патува без искусниот стопер Хумелс, а го нема ниту Марко Ројс кој не успеа да се рехабилитира од повредата. Ќе го нема и повредениот Тимо Вернер. Германија се реши на Мундијалот да патува и 17-годишниот фудбалер на Борусија Дортмунд, Јусуфа Мукоко кој во моментов е во добра форма.

Германија е секогаш меѓу фаворитите за стигнување до финалето, така ќе биде и овојпат. Германците обезбедија место во Катар во квалификациска група во која беше и селекцијата на Македонија, која и го нанесе единствениот пораз на Германија во квалификациите за пласман на СП.

Се вчитува...