Флорентино Перез вчера одржа бурна прес-конференција во која влезе во конфликт со речиси сите мадридски фудбалски новинари, обвинувајќи ги за креирање кампања против него како прв човек на Реал Мадрид. Долгогодишниот претседател потоа јасно стави до знаење дека нема да поднесе оставка, но обелодени и дека е подготвен да распише претседателски избори за да го потврди својот легитимитет.
Информациите од Шпанија говорат дека Флорентино со право е нервозен бидејќи има од што да се плаши, откако подготвеност да поднесе кандидатура изразил Енрике Рикелме Вивес, 37-годишен шпански милијардер роден во Аликанте, кој живее во Мексико каде создаде своја бизнис империја.
Рикелме повеќе од две децении е „социос“ на Реал, што е еден од условите за тој да може да се кандидира за претседател. Воедно, тој веќе најавил дека без проблеми би ја покрил кандидатурата што чини 187 милиони евра, а се очекува да има и политичка поддршка ако се знае дека е близок пријател на шпанскиот премиер Санчез.
Таткото на Рикелме своевремено бил дел од управниот одбор на Реал додека претседател на „кралскиот клуб“ бил Рамон Калдерон, а сега успешниот бизнисмен е подготвен да тргне во борба за „главната фотелја“ во најтрофејниот европски клуб.
„Или сега, или во иднина, ќе се обидам да станам претседател. Гледам можност да го применам она што го научив и да работам со исклучително професионален Управен одбор, а не со група пријател, за да го кренам Реал Мадрид на едно повисоко ниво. Времето е дојдено, Реал Мадрид или ќе тргне во друг правец и максимално ќе го професионализира своето управување и ќе стане глобален клуб, или ќе има големи проблеми. А кога ќе кажам глобален не мислам само на одење на турнеа во САД“, истакна неодамна Рикелме.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
