Флорентино нема избор: Реал тргнува со сите сили по Салах!

Флорентино Перез се соочува со огромен проблем откако најавуваше голем блесок на Реал Мадрид на трансфер-пазарот, а извиси за двајцата најпосакувани фудбалери во Европа, Ерлинг Халанд и Килијан Мбапе. Во една таква ситуација, првиот човек на Реал сега е подготвен да тргне во офанзива по Мохамед Салах од Ливерпул, како главна желба на Реал Мадрид за овој преоден рок.

Халанд беше заинтересиран за трансфер во Реал, но фокусот на „кралевите“ беше целосно врз Мбапе, па норвешкиот ас на крајот реши да се пресели во Манчестер Сити. Трансферот на Мбапе требаше да биде „готова работа“, но ситуацијата се искомпликува, Французинот во последен момент се премисли и ја прифати понудата за нов договор со ПСЖ, оставајќи го Реал Мадрид со празни раце кога станува збор за ангажманот на суперѕвезди.

Салах се уште нема потпишано нов договор со Ливерпул, актуелниот му истекува во јуни 2023 година, па „црвените“ ќе бидат принудени да го продадат доколку наскоро не најдат заеднички јазик. Флорентино Перез ќе ја искористи ситуацијата со испраќање мегапонуда до агентот на „фараонот“, со значително повисока плата од онаа што му ја нуди Ливерпул. Доколку се реши за трансфер, англискиот клуб ќе бара минимум 70 милиони фунти за египетската суперѕвезда, пари што потоа Јирген Клоп би ги реинвестирал во нов голгетер (Дарвин Нуњез од Бенфика се наоѓа на врвот на неговата листа со желби).

Останува да се види дали првиот човек на Реал конечно ќе успее да доведе суперзасилување на „Сантијаго Бернабеу“, нешто што го најавуваше уште од минатото лето, но не го исполни даденото ветување.

Се вчитува...